Шеќеринска го губи влијанието во СДСМ, носителите луѓе од доверба на Зоран Заев!

Објавил: Данаил Михајловски | 5 март, 2020 9:29

Познати носителите на листите за пратеници во СДСМ-БЕСА

Фото/Текст извор: ©магазин

Владеачката партија, според извор од СДСМ, ја има добитната комбинација на носители на листите за пратеници. Иако имало одредени дилеми, сепак на вчерашниот состанок на Заев со генералниот секретар, техничкиот премиер Спасовски и партискиот стратег Коста Петров, донесена е одлуката за носечката изборна шесторка. Носители од страна на СДСМ-БЕСА ќе бидат: во ИЕ1 – Мила Царовска, во ИЕ2 – Оливер Спасовски, во ИЕ3 – Љупчо Николовски, во ИЕ4 – Зоран Заев, во ИЕ5 – Венко Филипче и во ИЕ6 – Билал Касами. Сепак имало одредени дилеми и дискусии, кои биле разрешени преку најновите анкети кои ги покажале најдобрите можни комбинации за кандидатите на СДСМ, како и вкрстените резултати со можните носители од ВМРО-ДПМНЕ.

За носител во ИЕ1 можни кандидати биле Мила Царовска, Радмила Шеќеринска, Рената Дескоска и Никола Димитров. Анкетите презентирани пред Заев, на кои се мери и позитивната и негативната перцепција на јавноста за кандидатот, покажувале јасно водство на Мила Царовска пред другите конкуренти. Второ рангирана била министерката Рената Дескоска која стана препознатлива во борбата за зачувување на предметите од СЈО и преговорите за Законот за јавното обвинителство. Шеќеринска била на трето место, речиси изедначена со Дескоска. Министерот за надворешни работи Никола Димитров бил најниско рангиран, а анкетитите таквиот негов скор го лоцираат во потпишувањето на контроверзниот Преспански договор, како и во неговата политичка превртливост и заради поранешна блиска соработка како советник на Груевски, што не проаѓа добро кај членството на СДСМ.

Билал Касами е претседател на партијата БЕСА и ќе биде носител на листата на СДСМ во ИЕ6. Членовите на СДСМ во Тетово биле задоволни од ваквата одлука, бидејќи се работи за добар Албанец, кој долго време се борел против неправдите и корупцијата кои во општината ги прави Теута Арифи од ДУИ.

За носители на листите за пратеници во ИЕ2, во ИЕ3, ИЕ4, како и за ИЕ6, немало дилеми, и партиската стратегија и анкетите се поклопувале дека во овие изборни региони СДСМ е најдобро да истрча со веќе познатите политичари како Љупчо Николовски, Оливер Спасовски и Зоран Заев. Во ИЕ6 веќе е решено дека претседателот на БЕСА, Билал Касами ќе ја предводи листата, а втор на листата ќе биде Бобан Видоески, претседател на ОО на СДСМ од Тетово. Единствено што било побарано од Заев како претседател на партијата е да разговара со градоначалникот максим Димитриевски од Куманово, да се спушти топката за одредени негови замерки кон Оливер Спасовски и таквите лични недоразбирања да не бидат изговор за пасивност во кампањата во кумановскиот регион. 

За ИЕ5 имало три можни опции, а тоа се Мила Царовска, Венко Филипче и Рената Дескоска (која има фамилијарно потекло од општина Дебрца). Анкетите покажале речиси изедначен рејтинг меѓу Царовска и Филипче, додека Рената Дескоска не била доволно експонирана пред гласачите во оваа изборна единица. Рејтингот на Филипче и Царовска во Битола е изедначен, но предноста на Венко Филипче ја прави Охрид, каде симпатизерите на СДСМ му дале поголема доверба на Филипче, чие потекло е токму од Охрид (Илија Филипче во времето на Црвенковски исто така беше министер за здравство). Затоа СДСМ во ИЕ5 најверојатно ќе предложи листа на кандидати за пратеници, чиј носител ќе биде актуелниот министер за здравство.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.