Потпаролот на Владата по стапките на министерот за надворешни работи

Објавил: Узунов Бобан | 13 март, 2019 12:40

После Димитров и Бошњаковски: Не сме ние кои треба да кажеме на каков јазик зборуваат Егејците во Грција

Фото/Текст извор: ©магазин

Изјавата на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, дека македонското малцинство во Грција не зборува македонски јазик, е во контекст на членот 7 од Преспанскиот договор односно дека таму постојат етнички Грци кои се сметаат дека се дел од Хеленската цивилизација и се декларираат како Македонци, но зборуваат грчки.

Во ваква насока беше објаснувањето на владиниот портпарол Миле Бошњаковски кој на денешната прес-конференција одговараше и на прашања за изјавата на Димитров. 

По однос на текстот на Би-Би-Си за постоењето на македонско малцинство во Грција Никола Димитров изјави дека тоа  е грчка „внатрешна работа и предмет на грчка дебата”. Наместо како министер за надворешни работи кој по Устав е обврзан да сe грижи за правата  на македонскиот народ во соседните земји, најмалку што можеше да направи Димитров е да ја повика Грција барем да признае дека во Лерин, Воден, Костур има Македонци кои говорат на македонски јазик. Нели Грција ни го призна идентитетот и јазикот со Преспанскиот договор.

– Министерот Димитров го потенцираше член 7 од Договорот во преспа. Таму е јасно наведено дека користењето на термините „Македонија“ и „Македонц“ има посебно значење за нас, посебно за Република Грција и нејзините граѓани. Во Грција постојат етнички Грци кои зборуваат грчки јазик кој се сметаат дека се дел од Хеленската цивилизација кои се декларираат како Македонци – рече портпаролот, давајќи и спротивен пример дека и лично тој е етнички Македонец, но со словенско потекло.

Тој не сакаше да одговори на каков јазик зборуваат родниците на егејците кои живеат во денешна Грција посочувајќи дека тоа би било мешање во внатрешните работи.

– Постои одредена категорија население во Грција која не зборува на грчки јазик, која говори на друг јазик. Не сме ние тие кои ќе детерминираме кој на каков јазик зборува бидејќи тоа ќе биде мешање на една држава во внатрешноста на друга – рече Бошњаковски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.