Општината како организатор, под покровителство на Министерството за култура, е подготвена да ги пречека гостите од земјава и од странство. Сепак, најголем број на посетители, домаќините очекуваат утре на 13 јануари, кога ќе се одржи главното дефиле на маските во центарот на Вевчани.

Објавил: Катерина Крстиќ | 12 јануари, 2020 10:14

Почнува Вевчанскиот карневал- над 1000 маски ќе ги забавуваат посетителите

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Денеска под слоганот „Напрај се Василичар“ почнува Вевчанскиот карневал. Традиционално овој карневал се одржува за Василица а на него годинава ќе се појават над 1.000 маски.

-Вевчани е веќе полно со туристи, сите капацитети во и околината се веќе полни. Вевчанци и посетителите со нетрпение чекаат да ги видат маските кои се подготвуваат 365 дена, а многумина ги прават и последните подготовки за да се приклучат на уличниот театар и да го заиграат Василичарското оро, велат организаторите ка карневалот.

Општината како организатор, под покровителство на Министерството за култура, е подготвена да ги пречека гостите од земјава и од странство. Сепак, најголем број на посетители, домаќините очекуваат утре на 13 јануари, кога ќе се одржи главното дефиле на маските во центарот на Вевчани.

Забавната програма денеска ќе започне од 19:00 часот, а утре музичката програма започнува во 21:00 часот. Вторник, 14 јануари, е резервиран за традиционалното василичарско оро и палење на маските.

Програмата за Вевчански карневал за 2020 покрај традиционалните обреди вклучува и неколку новитети. Преку кулинарското шоу, Бранко Попоски, food blogger кој стои зад проектот Cooking with Branko, ќе ги запознае гостите со кујната карактеристична за овој крај.

Вевчански карневал — еден од најпознатите настани во Вевчани е Вевчанскиот карневал. Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но сепак во последните години во организација на Општината и Министерството за култура, се воведува ред во овој инаку хаотичен вонвременски настан.

За музичкиот дел ќе се погрижат македонски изведувачи од различни жанрови како македонското поп-рок дуо Eye Cue, Brass Brothers, DJ Todoroff, македонските музички фолк ѕвезди Дамјан Стојановски и Татијана Стефановска, а по барање на публиката, општината се погрижи да ја донесе музичката ѕвезда, Влатко Лозаноски.

Организаторите и годинава најавуваат многу смеа, игра, театар и маски, кои ќе го привлечат вниманието на јавноста задржувајќи ја својата уникатност и архаичност.

Вевчанскиот карневал во суштина е обичај под маска, кој се нарекува „Свети Васиља“ (Василица). Се празнува на 13 и 14 јануари секоја година и е посветен на Св. Василиј Велики. На тој ден се дочекува новата православна година, а се испраќа старата. Инаку, тој е пагански обичај кој тука се сочувал сè до денешни дни. Учесниците во него се нарекуваат василичари. Тоа се маскирани поединци и групи од сите возрасти организирани по маала.

Тоа се маските на зетот и невестата, на музичарите, на Глупи Aвгуст и на ѓаволите. Особено е карактеристична маската на Глупи Август. Обично неговата улога ја прифаќаат млади луѓе, полни со енергија, бидејќи тоа го бара самиот лик. Глупи август настапува со дозирана агресивност во заштита на зетот и невестата (симболот на плодноста), а со публиката комуницира само со крикови и движења. Оваа маска се јавува од времето на антиката како своевидна пародија на тогашните владетели. Наспроти овие маски, во далеку поголем број се актуелните маски кои се јавуваат само еднаш. Токму тоа ги тера учесниците да бараат нови идеи и маски што го чини карневалот секогаш актуелен, масовен и привлечен за јавноста. Покрај тоа, тој има и натпреварувачки карактер меѓу ривалските групи на Долна и Горна Маала.

На вевчанскиот карневал се збираат жители и од околните села како публика. Два дена ечи селото од зурлите, тапаните, песните и игрите, шегите и довикувањата. Три месеци пред тоа печалбарите пак живеат за Василица. Се приготвуваат, измислуваат или прават маски, се договараат со ошто да ги изненадат другите василичари – како што ги викаат маскираните во карневалот. Тој е и чудна парада на духот на овие луѓе, инвентивноста, манифестацијата на веселоста иако градите им се полнеле со офкање од разделбите катагодишни.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести