Заради комеморативната седница и погребот на градоначалникот на Охрид, денес нема да започне седницата за уставни измени како и комисијата за законот за селективна амнестија

Објавил: Мирко Бачиќ | 17 декември, 2018 8:35

Почнува третата, клучна фаза за уставните измени

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Собраниската Комисија за уставни прашања денеска нема да ја започне дебатата за уставните нацрт амандмани.

Комисијата, како и собраниската седница, со други точки на дневен ред, што беа закажани за денеска се одложени за утре поради тоа што голем дел од пратениците ќе бидат отсутни заради комеморативната седница и погребот на градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, кој ненадејно почина на 48 годишна возраст во саботата.

Ова е трета и последна фаза од постапката за промена на Уставот, согласно Договорот од Преспа.

Уставната комисија треба да ги разгледува четирите нацрт-амандмани, и Извештајот на Владата од јавната дискусија за нацрт-амандманите, а потоа како втора точка е ставен Предлог уставен закон за спроведување на амандманите на Уставот на Република Македонија.

Претресот на четирите амандмани доаѓа откако Владата го достави до Собранието предлог текстот за уставните измени, со корекции од предлозите на стручната јавност.

По три дена за секој амандман ќе расправаат пратениците, а ќе поднесуваат и амандмани на владините амандмани. Албанските опозициски партии најавија дека повторно ќе ги испорачаат нивните барања за унапредување на албанскиот јазик, како и за дијаспорат.

По завршување на комисискиот претрес, за 15 јануари е предвидена и пленарната седница на која ќе се гласа. Потребно е двотретинското мнозинство, кое во првата фаза власта го доби со помош на исклучените осуммина пратеници од ВМРО – ДПМНЕ, кои како клучен услов ја испорачаа амнестијата, која сега веќе е преточена во закон.

Денеска најверојатно седница нема да одржи ниту Интерпартиската парламентарна група за помирување, реформи и интеграција, која во текот на неделава треба да усвои предлог текст на закон за амнестија за настаните во Собранието.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести