Како и Македонија и Албанија, така и Косово почна да се соочува со фактот дека набрзо ќе остане без квалификуван лекарски кадар кој масовно "бега на запад" за подобра плата

Објавил: Мирко Бачиќ | 15 октомври, 2018 10:22

По еден лекар дневно го напушта Косово

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

По Македонија и Албанија, и од Косово масовно се иселуваат висококвалификуваните лекарски кадри за подобар животен стандард во земјите од запад.

Лекарската комора на Косово, Синдикатот на здравство и косовските пратеници изразија загриженост поради фактот дека околу 90 лекари во последните три месеци го напиштиле Косово, како и поради тоа што таа појава добива се пошироки размери.

Здравствените работници сметаат дека доколку не се преземат итни мерки, Косово набрзо може да се соочи со проблем на недоволен број лекари.

Членот на парламентарната Комисија за здравство д-р Хаџи Авдуљи оценува дека таквата ситуација е резултат на лошото управување со здравствениот систем.

Иако имаме најмал број лекари, лекарите немаат работа. Тоа покажува дека ние не знаеме кои лекари ни се потребни, кои специјализации треба да се одобрат, а тоа нас не чини многу поради губењето на голем потенцијал млади лекари, но и поради тоа што највиталниот дел на општеството бега. – изјави тој.

Претседателот на косовската лекарска комора д-р Пљеурат Сејдиу оцени дека доколку продолжи ваквиот тренд на заминување лекари, тоа ќе има лоши последици за земјата, како и дека појавата поприма загрижувачки размери.

Ова е исклучително загрижувачки, и тоа без оглед на сите пречки за слободно патување и се плашам дека дојдовме до тоа по еден лекар дневно да го напушта Косово. – истакна Сејдиу.

И во синдикатот не се оптимисти.

Доколку институциите во земјата не почнат сериозно да работат на решавање на тој проблем, Косово ќе има сериозни проблеми. – смета претседателот на Синдикатот на здравство на Косово Блерим Сула.

Претставник на Министерството за здравство на Косово изрази надеж дека нацрт законот кој гарантира зголемување на платите на здравствените работници кој го усвои Владата ќе ја подобри состојбата и ќе го зајакне достоинството на здравствените работници.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.