Милошоски на говорницата ја постави сликата на која во 2018 Димитров и Османи го прославуваат датумот за ЕУ

Објавил: Данаил Михајловски | 29 октомври, 2019 11:52

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ: Нема да ја расипуваме забавата на власта!

Фото/Текст извор: ©архива

“Ова до нас се двајцата министри кои не добија датум за ЕУ, а ова на сликата пред мене се истите министри кои лани го прославија добивањето на датумот. Се е надевам дека денеска ќе објаснат како е тоа можно, каде по пат го изгубија датумот за ЕУ кој го објавија“, рече пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

На собраниската комисија за европски прашања на која се дискутира за неуспехот на нашата земја со недобивањето на датумот за преговори, Милошоски реагираше на тоа што министерот за надворешни работи Никола Димитров лукаво ја одбегнува матичната комисијата за надворешна политика, на која според законот за надворешни бил поканет пред десет дена, а неа ја води токму пратеникот Милошоски.

Милошоски: Двајцата министри, Димитров и Османи, кои лани ширеа лажни вести дека Македонија добила датум за ЕУ, денес ќе бараат изговори за правдање на реалните вести дека Македонија доживеа национален неуспех! Министрите кои пред една година потрошија 200.000 евра за концертите на кои го тераа народот да се радува за лажниот датум од ЕУ, денес ќе праќаат пораки дека народот не треба да се разочарува и дека треба уште да им верува! Димитров и Османи денес ќе ви раскажат анализи за одговорноста на некои политичари од Данска, Франција и Белгија, но нема да слушнете ни збор за нивната одговорност, гаранциите и лажните ветувања дека Македонија ќе добие датум за ЕУ!

Наместо оставка и понесување на морална одговорност за неуспехот во ЕУ, денес Димитров и Османи уште еднаш ќе ви понудат манипулативни објаснувања, ќе се откажат дури и од своите лански изјави и ветувања дека сме добиле датум за ЕУ, но нема да се откажат од нивните министерски фотељи.

-Министрите кои ширеа лажни вести сега ќе треба да објаснат дали Македонија плати превисока цена за ЕУ? Да. Дали целта е постигната; тоа ќе треба да го одговорат Османи и Димитров. Двајцата ќе зборуваат за одговорноста на странски политичари, ќе ви објаснуваат за Брегзит и Кина, но не и за нивната одговорност. Тие ќе понудат манипулативни објаснувања ќе се откажат и од нивните лански изјави, но нема да се откажат од министерските фотељи. Ние нема да учествуваме во ваква пародија. Денеска нема да ја расипеме вашата провладина забава, а за вистинска критика и дискусија дојдете утре на Комисијата за надворешна политика, заедно со министерот Димитров – рече Милошоски. По оваа изјава пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата.

Вицепремиерот Османи вели дека тоа што Европскиот совет не постигна консензус за давање датум е историска грешка и неправда, но како што вели чувството на разочарување не треба да не оддалечи од патот на реформи и пријателството со другите држави. Со одлуката од јуни минатата година го започнавме обврзувачкиот скрининг, сите признанија нè охрабрија да ја очекуваме позитивна одлука. Оваа седница не е свикана за да си честитаме, по што доби аплауз од присутните пратеници на владеачкото мнозинство. 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.