Денеска во просториите на Државната изборна комисија (ДИК), претседателските кандидати ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори.

Објавил: Катерина Крстиќ | 31 март, 2019 10:27

Претседателските кандидати ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Денеска во просториите на Државната изборна комисија (ДИК), претседателските кандидати ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори.Настанот го организира Државната изборна комисија врз основа на член 8-в од Изборниот законик.

Инаку потпис ќе стават тројцата кандидати за претседател на РСМ, Гордана Силјановска-Давкова која е претседателски кандидадат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Стево Пендаровски на СДСМ и коалицијата, а Блерим Река на Алијанса на Албанците и движењето Беса.

Блерим Река од Алијансата на Албанците ќе биде прв на гласачкото ливче на претстојните претседателски избори, со реден број „два“ ќе биде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова, додека бројот „три“ ќе го добие Стево Пендаровски од СДСМ.

Кампањата за претседателските избори почнува заклучно од утре, 1 април и завршува на 19 април на полноќ.

Првиот круг на гласање за претседателските избори ќе се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај. Мандатот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов завршува на 12 мај.

За новиот претседател имаат право да гласаат  1.808.131 граѓани запишани во Избирачкиот список. На претседателските избори, своето право на глас во странство ќе можат да го остварат вкупно 1.782 граѓани во 32 Дипломатско – конзуларни претставништва и конзуларни канцеларии на Република Македонија во странство. Според македонските закони, кандидатот за претседател може да победи во прв круг доколку освои над 50 отсто од гласовите на сите регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Во спротивен случај ќе се одржи втор круг на 5 мај во кој ќе се натпреваруваат двајцата кандидати со најмногу гласови од првиот круг. Одзивот во вториот круг треба да биде над 40 отсто за гласањето да се смета за важечко.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести