Здружението вели дека лошата ситуација ги довело до работ на егзистенција огромен број на стоматолошки тимови коишто не се во можност да поминат ниту минимални плати од по 12.000 ден.

Објавил: admin@magazin | 2 ноември, 2019 11:29

Приватни стоматолози на 6 ноември излегуваат на протест: Покачувањето од 15 % е омаловажување на нашиот труд!

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Под мотото „Да ја вратиме насмевката на стоматолозите“, Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина на 6 ноември од 12 часот најавува протест пред Министерството за здравство, поради како што соопштуваат  неиздржливата финансиска ситуација во која се наоѓаат стоматолозите во Македонија и немање слух од институциите за нејзино решавање.

„Да го изразиме нашиот револт за неподносливата состојба во која се наоѓаме и да ги повикаме институциите да нѐ примат со цел да ги презентираме нашите решенија за проблемите во стоматологијата кои се провлекуваат со години и нѐ доведоа во оваа ситуација, но и да ги решиме истите“, стои во повикот за протестот.

Здружението вели дека лошата ситуација ги довело до работ на егзистенција огромен број на стоматолошки тимови коишто не се во можност да поминат ниту минимални плати од по 12.000 ден.

„Овој факт го потврдуваат и податоците од Фондот за здравствено осигурување. Имено, преку 72% или 876 стоматолошки тима од вкупно 1.211 кои имаат склучено договор со ФЗОСМ имаат запишани под 1.500 пациенти кои претставуваат потребен минимум за да овие стоматолошки установи поминат минимална плата за доктор и сестра од 12.000 ден и основните режиски трошоци на амбулантата.

Покрај нив, во уште полоша ситуација се стоматолошките ординации кои се надвор од мрежата и не добиваат никакви средства, страдаат од нелојална конкуренција, поради прениските цени и неограничениот број на услуги кои ги даваат ординациите кои имаат склучено договор со Фондот за здравство..

Од Здружението додаваат дека „одливот на осигуреници, одливот на сестри – стручен кадар и неможноста да се платат соодветно, лошиот и неправеден модел на финансирање, односно, откупување на услугите од страна на ФЗОСМ, ја доведува во прашање егзистенцијата на стоматолозите низ цела држава, а воедно повлекува и одлив на млади стоматолози во странство бидејќи под овие услови за работа, за нив нема иднина“.

„Нерамноправната ситуација во која се наоѓаат и стоматолошките тимови во специјалистичките ординации ја одрзува нееднаквоста и третманот на државата на оние кои работат во јавно здравство наспроти оние во приватно здравство и се далеку од 100.000 ден. месечна плата, што беа ветени за стоматолозите од секундарно здравство. Овде се поставува прашањето дали оваа држава е ‘мајка’ на докторите во јавните здравствени установи, а ‘маќеа’ на оние кои работат во приватните здравствени установи?

Дали законите во оваа држава подеднакво важат за сите? Дали сите сме рамноправни и до каде би оделе овие небулози кои придонесуваат за уништување на здравството во нашата држава“, соопштува Здружението.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести