Поранешната вицепремиерка и министерка за дијалог на Косово со став за менувањето на границите на Балканот

Објавил: Мирко Бачиќ | 9 август, 2018 7:27

При отворање на прашање за границите не ги забораваме и Албанците од Македонија

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Поранешната косовска министерка Едита Тахири која ја предводеше делегацијата на Косово во дијалогот со Србија за тиранската телевизија “Ора њуз” изјави дека е против идејата на претседателот Хашим Тачи за размена на територии со Србија.

Сепак доколку тоа се случи според неа – тогаш “албанските граници се дури до Ниш”.

“Размената на територии или било која поделба не е опција и треба да се отфрли бидејќи тие носат војни. Не може да има промена на граници во Косово или на Балканот во други форми освен со војна. Косово е независна и суверена држава и ова прашање е завршено и покрај тоа што Србија живее со хегемонистички илузии.” – истакна Тахири.

Таа посочува дека Косово и сите Албанци во пресуден момент се единствени.

“Ние Косово и Албанците во време на големи одлуки не се караме туку сме единствени. Отсекогаш сме го наоѓале патот. Претседателот излезе со предлог кого целосно го отфрли целокупниот политички спектар. Во дијалогот со Србија во вакви случаи разговорите се прават со делегации како што беше во Рамбује во Виена.” –  додаде Тахири.

Доколку се отвори темата за границите на Балканот – посочува Тахири – Албанците се поготвени.

“Не можеме делумно да ги решиме работите и да останат Албанците од Македонија и од Црна Гора надвор од границите. Запомнете дека кога го поставивме проектот за независност одлучивме во согласност со нив. Албанците од Прешевската Долина од Македонија и од Црна Гора се согласија. Ова е национално прашање им припаѓа на сите вклучувајќи ја и Албанија.” – посочи Тахири.

Таа оцени дека прашањето за менување на границите претставува опасност не само за дестабилизација на Косово туку и на регионот дека во Косово се води жестока дебата по предлозите на претседателот Тачи кој според неа треба да се однесува според неговите уставни надлежности.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.