Граѓаните со реакции по вчерашните изјави на академици од МАНУ, денес со протести, затоа што името и националниот идентитет не смеат да се предмет на преговори и пазарење

Објавил: Мирко Бачиќ | 11 септември, 2018 12:31

Протест пред МАНУ, учесниците побараа оставка од Владата

Фото/Текст извор: ©магазин.мк / макфакс.мк

Денес група граѓани излегоа на протест пред Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Во МАНУ се одржува научна расправа на тема „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евроатланските интеграции на Република Македонија“ на која учествуваат премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, американскиот амбасадор Џес Бејли и останати дипломати од различни земји.

Граѓаните протестираат, како што велат, да го изразат својот револт за договорот со Грција и промената на името на Република Македонија. Тие порачаа дека се загрижени од загрозувањето на независноста на Република Македонија и побараа оставка од Владата на Заев.

Тие побараа прием на денешната расправа во МАНУ каде што ќе ја достават, како што велат, декларацијата на македонскиот народ за неговите црвени линии и стратегија за зачувување на името, идентитетот, јазикот, историјата и културата на државата.

„Свесни сме дека сме систематски манипулирани, злоупотребувани, обесправувани и третирани како граѓани од втор ред во својата сопствена татковина. Незадоволни сме од тоа што наместо да бидеме консултирани и информирани за работите кои се во нашиот национален интерес, нам ни се сервираат политики кои се во најдобриот интерес за други држави и народи, а со што се разнишани темелите на постоењето на Република Македонија и македонскиот народ“, стои во декларацијата која граѓаните ја поднесоа до МАНУ.

Граѓаните се незадоволни од вчерашните изјави на академиците од МАНУ кои истакнаа дека само ќе се борат да ги задржат имињата на Македонската филхармонија, МАНУ, Македонскиот театар и останатите институции кои во своето име го содржат зборот Македонија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести