Додека светот го осудува суровото убиство на новинарот Џамал Кашоги од страна на Саудиска Арабија, Исламската верска заедница испрати писмо со поддршка до кралот на Саудиска Арабија

Објавил: Мирко Бачиќ | 25 октомври, 2018 6:21

Реакции по писмото до Саудиска Арабија, ИВЗ се правда

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Писмото на поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи до саудиските власти предизвика реакции во јавноста во Македонија.

Дописот е испратен на 17 октомври, два дена пред Саудиска Арабија да признае дека новинарот Џамал Кашоги е убиен во нивниот конзулат во Истанбул. 

Најголемите светски сили го осудија овој чин, и прстот го вперија кон Саудиска Арабија. Турција спроведува детална истрага, а веќе се пронајдени и остатоци од неговото тело.

Во писмото, кое предизвика реакции, испратено до саудискиот амбасадор во Тирана, кое стои на веб страницата на ИВЗ напишано на арапски, се вели:

Ваша екселенцијо, деновиве доаѓаат информации дека вашата држава поминува тешки моменти од замките на злонамерните и љубоморните, сите се собрале за да и наштетат на Саудиска Арабија, но сето тоа е залудно бидејќи вие го имате најдобриот заштитник, тоа е Алах, а за таа заштита немаме никакви сомнежи знаејќи дека вашата земја е извор на објавувањето Куранот и Сунетот на пророкот Мухамед. – Исламска верска заедница.

По реакциите во јавноста, Исламската верска заедница се обиде да го дообјасни испратеното писмо, во моменти кога на адреса на Саудиска Арабија пристигнуваат бројни критики.

Од таму велат дека со него сакале да искажат поддршка и грижа за светите исламски места Мека и Медина, а не да завземаат било каков став во врска со убиството на новинарот.

Пред неколку дена, Исламската верска заедница испрати писмо за поддршка до Саудиска Арабија, со кое ексклузивно ја поддржуваме грижата и заштитата на Мека и Медина, исламски свети места кои се Кибла за сите муслимански верници. Во оваа поддршка силно стоиме сега и засекогаш.

Сакаме да ја информираме јавноста дека поддршката на ИВЗ нема никаква врска со случајот на новинарот Кашоги и со другите настани, бидејќи нашата институција е целосно лаичка и не се занимава со прашања од други области и нема никакви обиди да се меша во ставовите и политичката ориентација на било која држава. – Исламска верска заедница.

Новинарот на Вашингтон пост, со потекло од Саудиска Арабија, Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври откако влегол во Конзулатот на оваа земја во Истанбул. Американскиот претседател, Доналад Трамп, обидите на Саудиска Арабија за прикривање на убиството на саудискиот новинар, ги оцени како „најлошиот акт на прикривање во историјата“.

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека убиството на саудискиот новинар, било планирано и бара на 18-те лица кои се поврзани со убиството да им се суди во Истанбул.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести