Новиот премиер на Шпанија вети поголема автономија на Каталонија, сепаратистите на Пуџдемон сеуште на ставот дека регионот е независна држава

Објавил: Мирко Бачиќ | 4 септември, 2018 8:13

Референдум за поголема автономија на Каталонија

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Шпанскиот премиер Педро Санчез им вети на Каталонците одржување на референдум за новиот статус на покраината, која би имала повеќе анатомија, при тоа потенцирајќи дека тоа ќе биде референдум за поголема автономија, а не за независност.

Санчез, кој дојде на власт на 1 јуни годинава покрена дијалог со сепаратистички настроениот каталонски претседател Квим Торо.

Дијалогот помеѓу Мадрид и Барселона треба да доведе до гласање за зајакнување на автономијата на Каталонија. Се работи за референдум за автономија, не за самоопределување, посочи Санчез.

Сепаратистите бараат референдум за самоопределување, но шпанскиот премиер ја отфрла таквата можност.

Каталонците во 2006 година, за време на социјалистичката влада на Хосе Луис Родригес Сепатера, со 73 отсто гласови поддржаа поширока автономија за Каталонија и статус на нација, но во 2010 година тоа делумно е укинато од Уставниот суд на Шпанија, што доведе до интензивирање на сепаратизмот.

Каталонија во моментот има статус за кој не гласаше и тоа е политички проблем, посочи Санчез.

Приврзаниците на независноста на Каталонија на 1 октомври минатата година организираа референдум и покрај забраната на тогашната шпанска влада предводена од Маријано Рахој. На 27 октомври каталонскиот Парламент прогласи независност, но регионот веднаш беше ставен под директна управа на Мадрид, а каталонските лидери беа сменети од власт.

Поранешниот каталонски претседател Карлес Пуџдемон е во егзил во Белгија за да го избегне судскиот процес покренат во Шпанија под обвинение за бунт.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести