Владата на РСМ усвои измена на член 92 од Законот за поштенските услуги, со која му се продолжи ексклузивното право на давателот на универзална услуга (национален оператор) да обезбедува резервирани поштенски услуги до 31 декември 2020 година.

Објавил: Катерина Крстиќ | 17 септември, 2020 10:05

Рустеми за Слободен Печат: Време е Пошта да го модернизира своето работење

Фото/Текст извор: ©слободен печат фото инфоалб

Со појавата на здравствената криза се случи огромен пад на приходите на поштенските услуги, и во домашниот, а особено во меѓународниот поштенски сообраќај. Ликвидноста на компанијата е нарушена, бидејќи поради неработењето на Еуростандард банка на шалтерите на Пошта од 12 август годинава, не може да се обезбедат финансиските услуги и услугите на платниот промет за многу граѓани и правни лица, вели директорот на Македоснки Пошти, Ејуп Рустеми за Слободен печат.

Корона-кризата навлезе во сите пори на македонската економија. Како сето ова се рефлектираше врз работењето на Поштата во изминатиот период?

– Во услови на пандемија, невозможно беше да се остварат проекциите од стратегијата за деловната 2020 година. Од моето доаѓање за генерален директор на „Пошта на Северна Македонија“ во 2018 година, компанијата ја заврши годината со негативен финансиски резултат од 168 милиони денари. Во 2019 година успеавме да ја намалиме загубата на 65 милиони денари и во првите три месеци од 2020 година, Пошта успеа да ги зголеми писмоносните приходи во внатрешен сообраќај за 9,8 милиони денари, а расходите беа намалени за 4,9 проценти. Со здравствената криза се случи огромен пад на приходите на поштенските услуги, и во домашниот, а особено во меѓународниот поштенски сообраќај. Остварениот финансиски резултат во првото полугодие од годината изнесува минус 52,5 милиони денари. Планот за првите шест месеци од 2020 година се остварува со 96,2 отсто, а планираните приходи изнесуваат 586,5 милиони денари. Во делот на трошоците остварени се 616,8 милиони денари. Приходите од поштенските услуги во внатрешниот сообраќај за првите 6 месеци од  годинава изнесуваат 362,9 милиони денари, односно реализацијата на планот изнесува 92,6 проценти. Приходите на поштенските услуги во меѓународниот сообраќај изнесуваат 69,1 милиони денари. Реализацијата на финансиските услуги во однос на планираното се извршуваат со 95,7 отсто и споредено со минатата година, приходите од овој вид услуги се поголеми за 10,6 отсто за првите 6 месеци од годината.

На почетокот на годината Владата препорача петто одложување на либерализацијата на поштенскиот пазар. Пошта на РСМ ќе го задржи ексклузивитетот во цената на резервираните поштенски до крајот на 2020 година. Дали го искористивте периодот да инвестирате во осовременување на поштенската мрежа и да креирате други (нови) услуги?

– Владата на РСМ усвои измена на член 92 од Законот за поштенските услуги, со која му се продолжи ексклузивното право на давателот на универзална услуга (национален оператор) да обезбедува резервирани поштенски услуги до 31 декември 2020 година. Периодот што националниот оператор требаше да го искористи за преземање потребни активности пред настапувањето на целосната либерализација, беше период на пандемија, во кој друштвото се соочи со голем пад, како на поштенските така и на финансиските услуги. Сето ова ја оневозможи имплементацијата на предвидените плански активности за 2020 година. Како и да е, годинава се спроведуваше Твининг-проектот со поддршка на Делегацијата на ЕУ, кој се однесува на унапредување на капацитетите на Агенцијата за пошти како главен корисник и истовремено на Министерството за транспорт и врски и Пошта на Северна Македонија, како сокорисници и засегнати страни на пазарот на поштенските услуги. Благодарение на Проектот и вклученоста на стручните служби од Компанијата, знаеме кои чекори треба да се преземат за да се либерализира пазарот, вклучувајќи ја модернизацијата на поштенскиот сектор, прифатливи цени и задоволни корисници. Свесни сме дека проектот е од голема важност за сите институции вклучени во него и искрено се надевам дека крајниот резултат ќе биде задоволителен за сите страни. Поштата е местото од каде што треба да почнат процесите, така што сега е вистинското време да се насочиме кон модернизација во своето работење.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести