Самка иако два пати бил во извршната власт како заменик па министер, и два пати бил пратеник во Собранието, не научил дека министер за одбрана нема право на пратенички глас

Објавил: Мирко Бачиќ | 12 октомври, 2018 15:07

Самка, експерт за грчка политика, “Каменос ќе гласа и оро ќе игрa”

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Поранешниот министер без ресор, повратник меѓу пратениците во Собранието на Македонија, Самка Ибраимовски со анализа за грчката политичка сцена и “гатање” кој како ќе гласа во Парламентот на Грција.

На денешното продолжение на седницата на Комисијата за уставни прашања, Самка прво ги прозва пратениците на опозицијата.

Какви патриоти се тие, за Македонија душа дава, а во буџет рака става? – запраша пратеникот од Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Самка Ибраимовски, на денњшното продолжение на комисиската расправа за уставните амандмани.

Самка тапанарот е прекарот на Ибраимовски кој како млад бил тапанар во музичката група “Инекси” од Тетово, а негов брат е пејачот Ибуш Ибраимовски. Пред да влезе во политиката Ибраимовски беше директор на тетовската фабрика за производство на мебел и садови “Униус промет”.

Тој порача дека ќе гласа за уставните измени и ги повика сите колеги пратеници добро да размислат пред да донесат одлука, потенцирајќи дека политичките пресметки треба да се остават на страна кога се работи за иднината на државата и членството во ЕУ и НАТО, и порача да престане поделбата на патриоти и предавници.

Но Самка не запре тука, тој ексклузивно откри и како ќе се гласа ратификацијата на Договорот од Преспа во Парламентот на Грција.

Слушаме за Каменос немало да гласа во грчкиот парламент, тој ќе гласа и оро ќе игра, дајте за мир во куќа и ние да гласаме за уставните измени, за подобар живот на сите во Македонија. – рече Ибраимовски.

Ибраимовски најверојатно не е информиран кој е Панос Каменос затоа што како министер за одбрана тој нема право на пратенички глас.

*Самка Ибраимовски е македонски политичар од ромско потекло и претседател на политичката партија ПЦЕР.

Ибраимовски дипломирал на факултетот за менаџмент во Нови Сад, а во периодот 2011 – 2014 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија.

По парламентарните избори во 2016 година тој стана министер без ресор во владата на Зоран Заев. Во декември 2017 година Ибраимовски поднесе оставка од функцијата.

Во периодот 2004-2006 година тој беше заменик на министерот за труд и социјална политика.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Политика