Сашо Орданоски со навреди кон цел колектив

Објавил: Узунов Бобан | 6 јуни, 2019 8:27

Сашо Орданоски: Комитите се хулигани и багабонти !

Фото/Текст извор: ©магазин

Новинарот Сашо Орданоски во неговата последно објавена колумна на порталот civilmedia.mk, Со “хулигани нема политичка дебата” смета дека комититите се хулигани и багабонти кои со со говор на политичка, верска и етничка омраза навивале за „Вардар“ на големата прослава во Скопје!. 

Би сакале да го поставиме прашање, дали 100.000 Македонци на плоштадот “Македонија” кои скандираа “Никогаш Северна, секогаш Македонија” се хулигани и багабонти кои навиваа и се радуваа на победата на европскиот шампион Вардар.

Во продолжение колумната на Сашо Орданоски: 

Туф, туф, голема новост, хулиганите во редовите на „Комитите“ со говор на политичка, верска и етничка омраза навивале за „Вардар“ на големата прослава во Скопје! Такви групи на багабонти и простаци ги има по цела Европа и цел свет, а во цивилизираните земји со нив уредно си се занимаваат органите на прогонот со цела лепеза на ефикасни мерки со кои ги дисциплинираат во рамките на јавниот ред и мир.

Кај нас тоа не се прави, бидејќи секоја власт и секоја опозиција (и денешниве, нота бене!) политички кокетираат со овие неранимајковци, од сите „етнички“ навивачки припадности. НЕМА агресивна навивачка група на Балканот, во сите спортови, од оние на сплитски „Хајдук“ и загрепски „Динамо“, преку белградските „Партизан“ и „Црвена Ѕвезда“, до нашиве „Комити“ – забравам им го името на оние од Тетово и разно-разни други помали бандитски формации меѓу навивачките групи – зад кои не стои некоја подземна политичка и безбедносна структура, или воена или цивилна. Нивни членови палат автомобили на политички противници, тие прават провокации по политички протести, нив ги користат за изборни инциденти, тепаат кого и ако треба, кршат кафулиња за потребите на разни други криминални интереси и тн. Не се тие единствените во тој криминален полусвет, но се многу податливи, бидејќи се доволно празноглави, а главно работат валкани нарачки за евтини пари.

Таа група не е поголема од неколку десетици насилници, плус уште десетина. Тие им го расипуваат и ентузијазмот и ќефот на илјадници други навивачи кои имаат право да се радуваат на спортските победи на своите, нашите тимови. Во организирано општество, во соработка меѓу спортските клубови и надлежните државни органи, тоа се средува за неколку месеци. Вака, со децении се занимава цела јавност со последиците од нивните национал-шовинистички алкохолни испарувања, со инциденти кои, често, имаат насилни, па и смртни последици.

Еве добра прилика, токму заради феноменалниот успех на ракометарите на „Вардар“, оваа тема да не заврши само со неколкудневни реакции по медиумите и пренесување на темата по хистериите на социјалните мрежи. Бидејќи нашата националистичка опозиција на оваа тема официјално си молчи, а неофицијално ликува по Фејсбук, може ли да се надеваме на некаква смислена „интердисциплинарна“ акција од страна на власта? Кога веќе наидува на општо јавно одобрување решението државата, со јавни пари, да ги поддржи приватните сопственици на нашиот најтрофеен ракометен клуб, за тој да ја надмине финансиската криза во која се наоѓа, може ли тоа да биде проследено и со план за адресирање на национал-шовинизмот и агресијата меѓу навивачките дружини?

Или ќе остават само да „крвариме“ по телевизиски дебати и низ коментари полни со омраза, навреди и закани под написи и колумни, какви што ќе бидат и под овој текст? И ќе чекаме некаква нова ескалација, можеби со поголеми и пострашни последици?

Да не бидам погрешно сфатен: ќе продолжиме ние редовно да си ги „мачкаме“, во политичкиот општествен ринг, нашите национал-шовинисти, каква што е онаа хистерична професорка од скопскиот Правен факултет; тоа си е наша работа. Но, за навивачки хулигани си е одговорна државата, да повели и таа, без големи драми, да си ја заврши својата работа.

Ајде, сега, северџани и фајромци, секој да најде по еден Албанец и да му го честита вчерашниот празник, ако го слави! Оти „Вардар“ сега и така го финансираме сите со нашите заеднички пари…

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести