Во интервју за МИА Арсовска истакна дека ОИЕ во соработка со Интернационалната ветеринарна студентска асоцијација (ИВСА) го реализира првиот проект за помлад амбасадор во академската 2018/2019 година.

Објавил: Катерина Крстиќ | 2 декември, 2019 16:41

Секоја чест: Ивана Арсовска од Кавадарци врвен амбасадор за заштита на животните во светот

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Ивана Арсовска од Кавадарци е студентката на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје која неодамна доби признание за врвен амбасадор од Светската организација за здравје на животните (ОИЕ) во светски рамки, како член на Интернационалната ветеринарна студентска асоцијација (ИВСА). Ваквото признание го доби врз основа на активностите што ги имала во изминатата студиска година. 

Арсовска појасни за МИА дека Светската организација за здравје на животните е формирана во 1924 година и се стреми за подобрување на здравјето на животните, ветеринарното јавно здравство и благосостојбата на животните низ светот, како и транспарентност на моменталната ситуација на појава на болести што се јавуваат кај животните на глобално ниво.

Во интервју за МИА Арсовска истакна дека ОИЕ во соработка со Интернационалната ветеринарна студентска асоцијација (ИВСА) го реализира првиот проект за помлад амбасадор во академската 2018/2019 година.

– Денес ОИЕ брои 182 земји членки во својата организација и претставува најголема ветеринарна организација во светот. Од неодамна, подобрувањето на ветеринарната едукација зазема централно место во ОИЕ. ОИЕ во соработка со Интернационалната ветеринарна студентска асоцијација (ИВСА) го реализира првиот проект за помлад амбасадор во академската 2018/2019 година. Овој проект се стреми да ги запознае и да ги доближи студентите по ветеринарна медицина со теми и предизвици застапени на глобално ниво, со кои е засегната ветеринарната професија. Во проектот учествуваат амбасадори – студенти (воедно и членови на ИВСА) речиси од секој факултет за ветеринарна медицина низ светот, сè со цел да се подигне јавната свест за здравствени проблематики на локално, но и глобално ниво, како и да се споделат новостите и информациите од ОИЕ помеѓу студентите и факултетите за ветеринарна медицина. За претходната студиска година 2018/2019 беа доделени повеќе предизвици од страна на ОИЕ, со посебно внимание кон антимикробната резистенција и чума кај говеда (rinderpest) –изјави Арсовска за МИА.

Како што појасни во интервјуто амбасадор се избирал според активностите кои ги имаат студентите за време на студиската 2018/2019 година. По собирањето на поени од страна на ОИЕ и ИВСА, таа го зазела врвот на табелата.

– Образложението е дека Ивана Арсовска, помлад амбасадор 2018/2019 (ИВСА Македонија), во своите активности вбројува одржани предавања и работилници на повеќе теми, во организација со професори, асистенти и студенти од ФВМ-С: пристап на трихинелоза преку концептот „Едно здравје”. Работев и околу чумата кај говедата, првата болест кај животни што е целосно отстранета во светот. Се активирав и околу антимикробната резистенција кај миленици, еден од предизвиците со кои (ќе) се соочува човештвото во иднина. Им посветив внимание и на загрозените видови, како балканскиот рис, во соработка со ИДСБ (Истражувачко друштво на студенти биолози), ДРЕН (Здружение на студенти од Шумарски факултет) и поддржано од Македонско еколошко друштво (МЕД). Во моето си-ви се опфатени и заложбите за подигнување на свеста за туберкулозата, која претставува зооноза, односно болест што се пренесува од животни на луѓе и е една од најстарите болести што може да го загрози животот, како на животните така и на луѓето. Тука се и напорите за подигнување на свеста за африканска свинска чума и потенцирање на важноста од биосигурносни мерки при појава на оваа болест – информира младата кавадарчанка.

 

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести