Којзнае зошто, ги кренале рацете од самите себе, се предале и пред да им биде потпишан актот за нивно дефинитивно заминување, се согласиле без да не прашаат што мислиме ние за тоа.

Објавил: Рејхан Бајрами | 14 септември, 2019 11:09

СЕКУЛОВСКА: „Јанева е само почетокот на брзиот и суров крај кој ги чека сите останати обвинители, предвреме остарените наши херои”

Фото/Текст извор: ©нова тв

Приказната за падот на Катица Јанева сега оди директно во рацете на циниците, оние кои ни се потсмеваа на нашата исконска, ете добро, нека била дури и патетична желба да добиеме први наши херои во поновата историја на оваа земја.

Во земја во која и онака не знае кои навистина биле нејзините понови херои, пред да се појават обвинителите од СЈО. Земја која не ни сака воопшто да слави херои, освен ако не се запишани пред стотина години, ништо подоцна, никако после тие времиња.

Овие гласноговорници на нашето истрошено време со Јанева гласно проповедаат и издаваат сега нови команди, прашувајќи- зарем сагата мора да застане само со нејзиното рушење кое таа самата го произведе?

Морничаво сега изгледаат најавите за новиот расплет на судбината на СЈО- велат дека Јанева е само почетокот на брзиот и суров крај кој ги чека сите останати обвинители, предвреме остарените наши херои, изморени, клапнати, во одот згрбавени, се збогуваат со нас, без да ни кажат зошто се откажаа. Од себе, од нас.
Којзнае зошто, ги кренале рацете од самите себе, се предале и пред да им биде потпишан актот за нивно дефинитивно заминување, се согласиле без да не прашаат што мислиме ние за тоа.

Тоа се сериозни најави за многу можен крај- разрешувањето на Јанева да повлече земјотрес од домино ефект, во кој ќе се откинуваат останатите обвинители- еден по еден, како трули делови на едно гангренозно тело, ќе бидат исфрлани од употреба и враќани од таму каде што дошле.
Она што сега од нив го очекуваме секако е само едно- да излезат пред јавноста онака како што тоа го правеа низ годините. Тогаш кога за нив се боревме низ улиците, тогаш кога тие се бореа за нас низ досиејата на бомбите.

Да излезат и да кажат дека не се предаваат. Дека ќе се борат понатаму за нас и за оваа земја, ако веќе се откажале од борбата за самите себе. Дека дамката на Јанева не е по дефиниција жива кал во која и мора да ги свлече и нив.

Дека работеле чесно, предано, професионално и стоички ги издржувале сите напади, обвинувања, дека борбата тука не застанува.

Сега оваа битка мора сами да ја извојуваат, за да не седиме отстрана и да не го гледаме немо нивното гласно изумирање.

Ајде, што чекаш, бори се Ленче Ристовска.

Биљана Секуловска

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести