Селекторот на албанската фудбалска репрезентација, Кристијан Панучи, поднесе кривична пријава против поранешниот албански претседател, Бујар Нишани, и од него бара отштета

Објавил: Мирко Бачиќ | 6 септември, 2018 10:39

Селекторот на албанската репрезентација со кривична пријава против поранешниот претседател

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Селекторот на албанската фудбалска репрезентација Кристијан Панучи поднесе кривична пријава против поранешниот албански претседател Бујар Нишани и од него бара отштета во износ од 100.000 евра.

Панучи отшетата ја бара за навреда на неговата личност и достоинство, како и за омаловажување пред јавноста, бидејќи Нишани по пријателската средба меѓу Албанија и Косово, која албанската репрезентација ја загуби со резултат 3:0, за селекторот рекол дека е „шарлатан, кој го уништи она што беше создадено“.

Судскиот процес ќе го води судијката Анила Караџа, која се уште ја нема закажано првата судска расправа.

– Ова е преседан, селектор на национална фудбалска репрезентација да бара отштета поради реакција на лица од политиката или поранешни функционери на држава, по пораз на национална репрезентација, констатираат албанските медиуми.

Поранешниот италијански репрезентативец Кристијан Панучи (45), кој настапуваше за Милан, Реал Мадрид, Челзи и Рома, е на чело на албанскиот национален тим од јули минатата година. Тој дојде на местото на Џани де Бјаси, кој оствари историски успех со пласманот на ЕВРО 2016, но си замина среде квалификациите за СП 2018.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.