Емисијата КОД на Телевизија Телма изрази сомнежи за перење пари во Шутка

Објавил: Узунов Бобан | 12 февруари, 2019 9:52

Се перат ли пари во Шутка ?

Фото/Текст извор: ©телма.мк/магазин

Три тендери во вредност околу 220.850 во Општина Шуто Оризари се доделени на новоформирана и сомнителна фирма, која воопшто не си ги исполнува обврските, а да биде скандалот поголем истата фирма според жителите на  општината е регистрирана на човек кој важи близок до градоначалникот Курто Дудуш, открива КОД на Телма Телевизија.

Имено фирмата АДЕ БИЛДИНГ ДООЕЛ  Скопје, на извесен Ахмед Адем основана во мај 2018 година како новоформирана  го добива тендерот за санација и реконструкција на ОУ „Браќа Рамиз-Хамид“ во вредност од околу 203.000 евра , распишан во јули, а неколку месеци подоцна ги добила и тендерите , за новогодишно украсување на општина Шуто Оризари од 4.900 евра и за  зимско одржување на станбени, сервисни и локални патишта и улици на територијата на општината со вредност до 5.756 евра. 

Заев и СДСМ во кампањата за локалните избори изјавуваше дека има нулта толеранција на сомнителни тендери и дека градончалниците ќе работат во интерес на граѓаните.

Сомнително е и тоа што сопственикот Ахмед Адем до јули 2018, бил вработен во истото училиште од кое што го добива тендерот кој што бил распишан само неколку дена по неговото одјавување.  Додека пак локацијата која што е наведена во Централен регистар, улица Брсјачка Буна бр. 65 нема никаква фирма, туку куќа во изградба, а соседите прв пат слушаат дека тука има таква компанија и дека нејзиниот сопственик Ахмед Адем е човекот кој треба да им го чисти снегот или пак да ја украси општината за новогодишните празници.

Иако фирмата ги добива тендерите, сепак екипата на КОД при посетата на  ОУ „Браќа Рамиз-Хамид“  забележа дека таму се уште нема никакви работни активности,  а жителите на Шуто Оризари се жалат дека ниту било украсено за Нова година, а ниту се чистел снегот.  Тие потенцираат  дека цела зима се принудени да газат по половина метар мраз кој ги загрозува нивните животи.

Работа на терен нема,  но сепак се доделени над 220.850 евра, а сопственикот недостапен на јавноста и медиумите.  Никој не знае ни како новоформирана фирма која најверојатно има лажно седиште и не се знае дали воопшто има вработени и  механизми за работа, сепак успева да ги добие овие три важни и вредни тендери.

Затоа со право се поставува прашањето дали на овој начин градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш пере огромни суми на пари преку своите блиски луѓе и уште колку други вакви случаи на сомнителни тендери се постојат во општината?

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести