ВМРО - ДПМНЕ задоволни од постигнатото - СДСМ и ДУИ разочарани

Објавил: Мирко Бачиќ | 23 јули, 2018 19:03

Се реши сè но не и Референдумот

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Лидерската средба за денес заврши и не се знае што со Референдумот иако во основа тој и прашањето за него беа главните точки кои ги предложи Заев.

Според Талат Џафери постои можност да се свика нова седница на Собранието на Република Македонија на која како дневен ред ке се најдат сите предлог Законски решенија кои произлегоа како политички договор од средбата.

Џафери истакна дека ако се постигне согласност и за Референдумот тогаш и таа точка ќе се најде на дневен ред како предлог Одлука за распишување на референдум кој би се одржал на 30 септември 2018 година.

Од Клубот на пратениците пак СДСМ – ДУИ – БЕСА и ВМРО – ДПМНЕ со различни ставови. Како што стојат работите во моментот седница за Референдумот Џафери ќе свика во сабота затоа што нема конечна одлука.

Заев – Ахмети и Касами ги прифатија барањата на Мицкоски со што е постигнат договор за Закон за финансирање на политичките партии – предлог измени во Законот за Влада со што 100 дена пред секои избори за пратеници ќе се формира техничка Влада согласно Договорот од Пржино и оставањето во сила на тековниот Закон за Изборниот законик во делот за избор на членови на Државната изборна комисија која и понатаму ќе се бира со 2/3 мнозиство од пратениците т.е. 81 пратенички глас во поддршка.

И Заев и Мицкоски ги потврдија одлуките постигнати на средбата со најави дека им се дадени насоки на координаторите на парламентарните групи она што е договорено да се стави во законски текст и да биде проследено со Собранието на Македонија.

Сепак на крајот премиерот Заев не беше задоволен од односот на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ – Мицкоски за кој истакна дека е човек кој сака Македонија да ја види во ЕУ и НАТО но не сака да преземе никаков чекор користејки ги зборовите:

“За жал Мицкоски не го препозна моментот. Наместо да го фати возот тој остана на мрачната страна на историјата. По третата средба стана јасно дека Мицкоски лаже кога тврди дека на ова раководство му е важно техничка влада и ДИК. Тој лаже дека Македонија сака да биде во ЕУ и дека се бори за чесен референдум. Тој проба да ги прикрие виситнските намери. Откако виде дека нема намера да преговараме за амнестија – немаше намера да се договори. Ако нема амнестија нема договор – со тие позиции беше тој. Се доби во пакет а единствено требаше да ги повика ВМРО-ДПМНЕ да гласаат по сопствено уверување. Мицковски не знае што сака.” – изјави  Заев.

Но и Мицкоски се објасни:

“Морам да кажам уште на почетокот дека главната разлика беше во вториот дел од состанокот околу текстот на евентуалното референдумско прашање. Во првиот дел од денот разговаравме околу начинот на формирање на Државната изборна комисија како и усвојување на Закон за финансирање на политичките партии и околу измените во Законот за Влада осносно формирање на техничка влада по пржинскиот принцип.

Во вториот дел ги отворивме прашањата за Референдумот. Прво за карактерот на истиот и второ за текстот на прашањето. Зборувавме за детали. Ние ги застапуваме интересите на граѓаните со почитување на законите и Уставот имајќи предвид дека парламентарното мнозинство е тоа кое ја има надлежноста да распише Референдум. Се обидовме да спречиме евентуално насилие со распишувањето на Референдум. Нашиот став е дека референдумското прашање мора да биде еднозначно а да не биде поврзано со повеќе значења и тука имаме разлики со парламентарното мнозинство.

Во врска со карактерот на референдумот имаме приближување на ставовите. За успешен Референдум се смета оној Референдум доколку излезеноста е минимум 50 отсто плус еден и минимум 50 отсто плус еден гласач “за”.” – истакна Мицкоски без да даде одговор дали ВМРО – ДПМНЕ ќе го бојкотира Референдумот потенцирајќи дека истиот треба да се однесува само за Договорот со Грција но не и деталите од содржината кои правно регулираат други теми.

Краток во изјавата беше Али Ахмети кој истакна дека во вториот дел од денешната лидерска средба ја повикал опозицијата да ги стави државните пред партиските интереси. Ахмети истакна дека преговорите во вториот дел биле разочарувачки и дека имало големи разлики во тоа како да се постави референдумското прашање.

Претседателите на политичките партии во своите обраќања беа едногласни дека се за ЕУ и НАТО интеграции и дека во нивните програми тие се приоритет кога е во прашање Република Македонија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.