Минувајќи преку Средоземното Море бурата ќе поприми карактеристики на ураган и утре ќе ги погоди грчкиот остров Крит и јужните делови на Грција, по што ќе се упати кон Турција

Објавил: Мартин Попоски | 28 септември, 2018 14:50

Силна хибридна бура се приближува кон источниот дел на Средоземното Море

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Силна и ретка бура, налик на ураган и тајфун, претстојниов викенд ќе го погоди источниот дел на Средоземното Море, јави Си-Ен-Ен.

Според телевизијата, станува збор за хибридна бура, која се нарекува Медикејн.

Податоците од едно истражување спроведено во 2011 година укажуваат дека во текот на една година се случуваат една или две бури Медикејн и дека тие најчесто се јавуваат во септември или октомври кога водата на површината на Средозменто Море и натаму е релативно топло.

Сепак, покрај во септември или во октомври, Медикејн бура може да се појави и во кој било друг период од годината.

Особено силна Медикејн бура го погоди подрачјето во близина на италијанскиот остров Сицилија во 2014 година.

Сегашната бура последниве денови предизвика поплави во делови на Тунис и Либија, а сега преку Медитеранот се движи на север кон Европа.

Според предвидувањата мешавината на ураган и тајфун ќе поминат долж Средоземното море, а први на удар, утре, ќе бидат Грција и Турција.

Си-Ен-Ен наведува дека минувајќи преку Средоземното Море бурата најверојатно ќе поприми карактеристики на ураган и утре ќе ги погоди грчкиот остров Крит и јужните делови на Грција, по што ќе се упати на исток кон Турција.

Се очекува деловите низ кои ќе мине бурата да бидат погодени од обилни врнежи и силни ветришта.

Генералниот секретаријат за цивилна заштита на Грција соопшти дека државните институции се во состојба на готовност во очекување на бурата и апелираше до граѓаните да бидат внимателни.

Поради приближувањето на циклонот училиштата и градинките денеска се затворени во голем дел од Грција.

Генералниот секретаријат за цивилна заштита објави и видео на социјалните мрежи со кое ги советува граѓаните како да се заштитат од невремето.

Кога дува силен ветер, не поминувајте под големи дрва, под закачени табли и места од кои може да паднат предмети. Избегнувајте активности на море и плажа. Ако фати силна бура додека возите, застанете на безбедно место покрај патот, далеку од дрва и вклучи трепкачи.

Не поминувајте низ поплавени места и речни корита за време на врнежите од дожд. Избегнувајте области каде што имало поплави, лизгање или одрон на земјиште. Пред да тргнете информирајте се за временската прогноза и одбери безбедна рута. – ги советуваат граѓаните од Секретаријатот за цивилна заштита на Грција, преку кусото видео.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.