Професорката Силјановска непосредно пред изборите изјави дека доколку таа не влезе во вториот круг својот глас би го дала за Блерим Река

Објавил: Катерина Крстиќ | 22 април, 2019 20:15

Силјановска: Со река одлично се сложувавме, искрено жалам што не влезе во втор круг

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Професорката Гордана Силјановска Давкова, по вчерашниот прв круг на претседателските избори се огласи на Фејсбук каде се заблагодари на сите оние кои гласале за неа и и дале безрезервна поддршка во текот на целата кампања.

Силјановска на својот Фејсбук објави дека одлично се сложувале со албанскиот против кандидат Блерим Река

Таа ги повика сите на 5ти мај да гласаат за неа. Професорката Силјановска непосредно пред изборите изјави дека доколку таа не влезе во вториот круг својот глас би го дала за Блерим Река, претседателскиот кандидат поддржан од партиите Алијанса за Албанците и Движење Беса. Таа денес на  својот Фејсбук профил објави дека искрено жали што професорот Река, не успеал да влезе во вториот круг, но открива дека тие двајца одлично се сложувале.

Ми беше чест да учествувам на претседателските избори заедно со колегата Блерим Река. Дискусиите кои ги имавме, и по прашања за кои се сложувавме, како и за оние за кои не се сложувавме, беа на високо ниво и го подигнаа квалитетот на дебатата.
Му честитам на освоените гласови и искрено жалам што не влезе во вториот круг, напиша Силјановска на Фејсбук.

Професорката Гордана Силјановска Давкова денеска беше гостин и во централниот дневник на ТВ Сител каде во врска со изборите нагласи дека апстиненцијата е поголема во албанските средини бидејќи Албанците веќе не дозволуваат никој, па ниту премиерот Зоран Заев, да прави трговија со нивните гласови.

-Апстиненцијата може да се гледа од повеќе агли. Прво, факт е дека таа е далеку поголема во албанските средини отколку во македонските, а јасно ни е зошто. Зашто по појавата на еден граѓански ориентиран, едуциран кандидат каков што беше господинот Блерим Река, Албанците односно албанските гласови не се согласуваат веќе да служат нивните гласови за етнопартиска трговија туку се спротивставија на тоа, додаде Силјановска Давкова.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.