Директорот на Државниот завод за статистика посочува дека очекува законот за попис да се донесе пред изборите.

Објавил: Катерина Крстиќ | 30 декември, 2019 9:40

Симовски: За попис е потребен консензус и волја да се спроведе

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Во интервју за МИА директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски, вели дека е оптимист и дека законот за попис може да се донесе брзо бидејќи бара просто мнозинство во Парламентот.

-Пописот не може да го спроведете ако ја немате и таа политичка логистика и волја да се спроведе. Целта е да има консензус кај сите политички субјекти во Парламентот кога се донесува овој закон. Опозицијата излезе со 23 барања што сметаше дека треба да бидат вклучени, од кои најголем дел воопшто и не може да бидат прифатени бидејќи водеа кон она што се случи со пописот во 2011 година – вели Симовски.

Пописот кој би се направил пред изборите ќе ја покаже реалната бројка на население во Македонија и ќе може да се види колку Македонци ја напуштиле државата.

Директорот на Државниот завод за статистика посочува дека очекува законот за попис да се донесе пред изборите.

-Настојувам тоа да се случи од едноставна причина. Не дека евентуална промена на власта нешто ќе предизвика, зашто се е така направено да биде исклучиво професионална операција. Меѓутоа, додека се формира нов парламент и влада ќе помине време, а ние сакаме да има закон врз основа на кој и де јуре да бидеме покриени во сите активности – истакнува директорот на ДЗС.

Според него, најевтин метод за спроведување на пописот е преку користење на регистрите.

-Во тој случај цената на чинење на пописот ќе биде нула денари или ќе имаме тековен трошок на институцијата што го спроведува. Статистичките служби во земјите што спроведуваат ваков тип попис имаат двајца или тројца ангажирани на оваа проблематика и го работат автоматски. Тоа е најдобрата варијанта со најквалитетни, најевтини и најбрзи информации. Најскап е традиционалниот метод. Овој попис планираме да чини 8,5 милиони евра – објаснува Симовски.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.