Синдикатот за култура на Република Македонија и претседателката Сања Арсовска со став дека партиските вработувања ја уништуваат културата со нестручни и неспособни кадри

Објавил: Мирко Бачиќ | 13 септември, 2018 15:57

Синдикат за култура: Се вработуваат само партиски послушници

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Партиски кадри на голема врата ги преплавуваат сите културни установи во земјава, остро реагираат работниците од овој сектор.

Велат дека крајно време било власта да стави крај, за како што велат, нечовечкиот однос кон нив. Наместо да има унапредување, има тапкање в место и уназадување, зашто партиските книшки си го направиле своето, велат културните работници, кои додаваат дека трудот воопшто не се ценел.

Магистар и доктор на науки не го достигнува државниот просек за плата и тоа е срамно за држава што претендира да биде во ЕУ. Партиските вработувања се уште постојат и тоа не иритира. Трудот воопшто не се цени. Работниците не може да дојдат на ред од неработниците со партиски книшки.

Во некои институции со години нема унапредување зашто не е свртен партиски телефон. Имаше ветување за промени во правниот систем, но јас нив не ги гледам, рече Адије Дестановиќ, вработена во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, која се пожали и дека институциите од културата под надлежност на Град Скопје платите со години ги добиваат по законскиот рок, 15-ти во месецот.

Културата и натаму е на дното во државните приоритети, велат од Синдикатот на културата, кој е незадоволен од бавното решавање на наталожените проблеми.

Работниците велат дека се уште чекаат на исполнување на ветувањата за валоризација на стручните звања и за нов колективен договор за да излезат од хаосот во однос на начинот на пресметка на платите и големите разлики во нивниот износ.

Ако власта ништо не преземе околу, како што велат, понижувачките плати, од Синдикатот на културата најавуваат преземање поголеми чекори и излегување на улица.

Претседателката на СКРМ Сања Арсовска на прес конференција денеска рече дека се уште чекаат на исполнување на ветувањата за валоризација на стручните звања и за нов колективен договор за да излезат од, како што рече, хаосот во однос на начинот на пресметка на платите и големите разлики во нивниот износ.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.