Вицепремиерот Хазби е прв на листата за промена во владата на Заев, но последниот случај на непотизам, наметнат или не, е гласна порака од СДСМ до ДУИ, но прашање е за што

Објавил: Мартин Попоски | 23 ноември, 2018 14:25

Синот на претседателот на кичевскиот суд распределен на работа кај татко му

Фото/Текст извор: ©plusinfo.mk

Шабан Алили, син на претседателот на Основниот суд во Кичево, судијата Баки Алили, е вработен во институцијата на чие чело е неговиот татко.

Во судската администрација тој завршил како еден од околу 950-те рамковно вработени лица кои годинава од Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор беа распоредени низ повеќе јавни институции каде требаше конечно да почнат да работат нешто.

Дека Шабан Алили се вработил во судот каде претседател е неговиот татко, потврдуваат и извори од Министерството за информатичко општество и администрација.

Како синот завршил на работа кај таткото, беше прашање и за првиот човек на Секретаријатот, Хазби Лика, но тој не одговори.

Според Законот за судови забрането е во ист суд, судија со друг судија или судија поротник да биде во роднинска врска.

За судија или судија поротник не може да биде избрано лице кое со судијата или судијата-поротник во истиот суд е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар. – предвидува законот.

Иако синот на претседателот на судот не е судија или судија поротник туку е вработен во судската администрација, сепак останува прашањето дали во случајот постои судир на интереси и прекршување на Законот за спречување на корупција во кој строго се забранува вработување на член од семејството во органот во кој одредено лице е на функција.

Судијата Алили смета дека постапил согласно законот бидејќи не станува збор за вработување од оглас туку на барање на Владата, за што добил и согласност од надлежните институции. Неговиот син, не е единствениот административен службеник кој според рамковните распределувања завршил на работа во кичевскиот суд. Барањето од Секретаријатот за распределба на петмината било добиено годинава, откако во март Владата го презентираше планот.

Ова не беше со објава на оглас за јас да го вработам синот, туку беше преземање вработени од Влада. Откако го добил барањето за распределување од Секретаријатот, веднаш пуштив писмо до Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за финансии и до Судскиот буџетски совет. Во мај добив известување од Судскиот буџетски совет, во кое беше и известување од Министерството за информатичко опшество и администрација, дека нема пречки за реализирање на вработувањата. Во тие писма кои јас ги праќав за да добијам согласност, според барањата за распределба, стоеше и името на мојот син. Јас постапив според согласноста која ја добив. – вели судијата Алили.

Кратка изјава имаше и од Судскиот совет:

Ако е тоа точно одговорноста е на самиот претседател бидејќи тој е работодавач. – кратко одговори претседателот на Советот Зоран Караџовски.

Шабан Алили во кичевскиот суд е вработен пред повеќе од еден месец. Тој како и неговиот брат, кој е адвокат, е правник. Неофицијално, интересно е дека и двајцата браќа завршиле на Меѓународниот универзитет во Струга на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од ДУИ.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.