Скопје ќе цвета

Објавил: Стефан Каневче | 12 мај, 2019 11:23

Скопски цветен фестивал

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

На 18 и 19 мај во Градски парк ќе се одржи шестиот по ред фестивал на цвеќето под мотото „Скопје цвета“. Настанот е под покровителство на Град Скопје, а во организација на ЈП Паркови и зеленило и ќе почне со цветно дефиле пред Собранието на Град Скопје (паркинг просторот) во 11:30 часот, со деца од предучилишните установи и основните училишта.

Фестивалот свечено ќе го отвoри Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов заедно со директорот Ардијан Муча, по што следуваат настапи на повеќе музички и танцови изведувачи, а посетителите ќе имаат можност да учествуваат и во целодневни активности кои ги нуди програмата: да проследат анимации за деца, да вежбаат јога и зумба на отворено, да слушаат музика, да погледнат и учествуваат во најразновидни цветни перформанси и декорации.

Целта на фестивалот е на едно место да ги собере сите љубители на цвеќето и природата, урeдувањето на околината, уметници, деца и ученици кои што на овој простор ќе ја изразат својата умешност со цвеќето, декорацијата и дизајнот, да се промовира одгледувањето цвеќе пред граѓаните, најмладите да се вклучат во работилници, да ја покажат својата креативност и да научат нешто повеќе за цвеќето, како и да се подигне јавната свест за заштита на животната средина. 

На манифестацијата најавено е дека ќе се претстават повеќе од 30-ина изложувачи – цвеќари и фирми за хортикултурно и пејзажно уредување, институции и невладини организации од областа на екологијата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.