Дали поранешната министерка за култура, преку гласањето за уставни измени, ќе се спаси од пресуда по обвинението од "Тендери" во кое е првоосомничена

Објавил: Данаил Михајловски | 9 ноември, 2018 9:57

Случајот “Тендери“ и Канческа-Милевска

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Денес во Кривичниот суд треба да се одржи ново рочиште за предметот на СЈО „Тендери“, во кој првообвинета за градбите од проектот “Скопје 2014“ е поранешната министерка, денес актуелна пратеничка, Елизабета Канческа-Милевска.

Случајот, кој се наоѓа во доказна постапка, пред една недела беше одложен поради ненадејно разболување на судијата Осман Шабани, претседател на судечкиот совет. Во кулоарите на судот се проширија гласини дека разболувањето на судијата не е случајно, односно дека коинцидира со моментот на гласањето на уставните измени, за кои, на изненадување на јавноста, гласаше и Канческа-Милевска во улога на пратеник.

Според обвиниението, дел од градежните работи во Музејот на ВМРО, зграда на Уставниот суд и Археолошки музеј, како и објектот на МЕПСО, се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Според истражувањето на БИРН од април оваа година, „Бетон Штип“ има работено како изведувач на седум објекти од проектот „Скопје 2014“ за вкупна вредност од 55 милиони евра

Според воведните зборови на СЈО на судењето, поранешниот генерален директор на „Бетон Штип“ Илија Бреслиски тврди дека обвинетата Канческа-Милевска, како министерка за култура во 2011 година му кажала градежната компанија да ги изведе сите градежни работи пред Музејот на ВМРО и да не го чека тендерот, бидејќи таа средила да го добие неговата компанија.

Она што во последно време се забележува е дека после гласањето на Канческа-Милевска за смена на Уставот, и после зацврстувањето на релацијата Мијалков-Вице Заев, перјаниците на СДСМ и нивните водечки новинари веќе не го напаѓаат проектот “Скопје 2014“. Напротив, поранешната министерка Милевска стана омилен госин на провладините телевизии, координатор на новата независна пратеничка група за уставни измени, како и активен член на комисијата за помирување.

Инаку СДСМ уште во 2014 година на прес конференција и откри на јавноста дека фирмата „Ексико“, која е поврзана со Сашо Мијалков, влегла со свој капитал во “Бетон Штип“ и во “З.К. Пелагонија – Битола“, што наведува на заклучок дека парите од тендерите вредни 55 милиони евра дадени од министерството за култура за “Скопје 2014“ смислено се слевале во фирмата за која СДСМ тврди дека е во ко-сопственост на Сашо Мијалков.

Но, многу е интересно што денес СДСМ молчи и не ги користи своите омилени фрази за “бизнисите и криминалите“ на Мијалков, а одредени новинари блиски до власта дури и почнаа да му ставаат пофални епитети.

Дали и проектот “Скопје 2014“ ќе стане дел од темата за помирување, после гласањето за уставните измени од страна на Канческа-Милевска, наскоро ќе дознаеме.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.