Заев се товареше дека побарал откуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев

Објавил: admin@magazin | 1 април, 2019 14:28

Случај „Поткуп“ – Апелација ја потврди ослободителната пресуда за Заев !

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Апелацискиот суд Скопје ја одби жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за случајот „Поткуп“како несонована, во кој беше обвинет премиерот Зоран Заев  и ја потврди ослободителната пресуда на Основен суд Скопје 1 Скопје.

„Апелацискиот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-27/18, во јавноста познат како „Поткуп“, по одржана нејавна седница, донесе пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, ја одби како неоснована и ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1 Скопје КОК.бр.62/16 од 21.05.2018 година“, соопшти скопска Апелација.

Обвинителката Валентина Бислимовска во завршниот збор направи измена на обвинението и предложи, наместо за примање поткуп, за што беше предвидена казна затвор над пет години, премиерот да биде гонет за обидот да земе поткуп како градоначалник на Струмица. Бислимовска тогаш нагласи дека сведокот Иван Николов Сачевалиев во исказот бил дециден дека не му дал пари на Заев и дека тој како градоначалник не примил подарок.

Со преквалификацијата на делото отпаднаа посебните истражни мерки за Заев што ги предложи обвинителството.

Заев пред судот и медиумите рече дека станува збор за местенка од претходната власт со цел негова политичка дискредитација и објасни дека е среќен што ја докажал неговата невиност пред судот.

Во предметот „Поткуп“ Заев беше обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од над 160 илјади евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев за продажба на државно градежно земјиште.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.