Јавното обвинителство ќе поднесе барање за автентично толкување за законот за СЈО

Објавил: Узунов Бобан | 8 февруари, 2019 11:03

Собранието само со 41 глас ќе го врати во живот СЈО ?

Фото/Текст извор: ©магазин

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески ќе поднесе барање до Собранието за автентично толкување на спорниот член 22 од законот за СЈО кое, ако се проследи, може да биде донесено со обично мнозинство. Според обвинителот, Врховниот суд со ставот дека секоја истрага и обвинение покренати од СЈО по 30 јуни 2017 година се неважечки излегол надвор од законските надлежности и создал правна несигурност. Вангеловски, имено, порача дека Врховниот суд ќе ја укине пресудата ако добие жалба од некоја странка осудена во постапка отворена по истекувањето на овој рок за СЈО.

„Начелното правно мислење на Врховниот суд е донесено без да постои различна примена на законите од пониските судови и не се заснова на одредбите и смислата на законот за СЈО, така што е противречно самото на себе. Наспроти одредбата од член 22 од законот дека ова обвинителство во рок од 18 месеци од примањето на материјалите и преземањето на предметите може да покрене обвинение и да донесе наредба за запирање на истражната постапка, во начелното мислење, и покрај тоа што тие се наведуваат како кумулативен услов, овој рок се смета само од времето на приемот на материјалите занемарувајќи го денот на преземањето на предметите“, објасни Јовески.

„Ни се нарушува принципот на легалитет на кривичното гонење. Ние имаме законска обврска да ги гониме сторителите на кривични дела, а се доведуваме во ситуација да се водат постапки кои на крајот ќе пропаднат“, ја објасни вчера одлуката за барање автентично толкување обвинителот Јовески.

Со обично мнозинство се одредува судбината на СЈО

Со поднесувањето на барањето за автентично толкување, одлуката за мандатот на СЈО да покренува обвиненија, практично, се враќа во парламентот. Но, наместо двотретинско мнозинство што беше потребно за донесување на законот за СЈО, за автентично толкување ќе треба да се обезбеди само обично мнозинство, односно најмалку 41 глас, за да се овозможи СЈО да може да продолжи да покренува обвиненија. Процедурата за автентично толкување оди преку Законодавно-правната комисија, а конечната одлука ја носи собранискиот пленум. Автентичното толкување има ретроактивно дејство, што значи дека би важело и за истрагите и за обвиненијата што СЈО ги отвори и покрена по истекот на законски предвидениот рок што сега го оспорува Врховниот суд.

Јовески вчера рече исто така дека предметите по кои работи СЈО, а за кои ќе се огласи за ненадлежно, ќе бидат преземени од Основното јавно обвинителство. ОЈО, исто така, ќе ги користи „бомбите“ како докази прибавени на легален начин. Тој призна дека за разлика од СЈО капацитетите на ОЈО се ограничени но, сепак, има можност, сила и волја тие предмети да ги преземе и да ги одработи професионално.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.