Проф. Калајџиев: Според Законот не може да се избере в.д. за СЈО!

Објавил: Данаил Михајловски | 27 август, 2019 9:40

Советот на обвинители ќе предложи разрешување на Катица Јанева заради несовесно работење

Фото/Текст извор: ©магазин

Претседателот на Советот за јавни обвинители Коле Штериев, за денеска закажа затворена седница на која ќе започне постапката за разрешување на Специјалната јавна обвинителка Јанева, која се наоѓа во притвор за „Рекет“. Согласно членот 18 од Законот за СЈО, Советот на обвинители има право да започне постапка за разрешување на специјалниот обвинител, доколку се утврди нестручно и несовесно вршење на функцијата. Извештајот на Советот за утврдената фактичка состојба се доставува до Собранието на Македонија, каде треба да заседава Комисијата за избори и именувања, каде по претходна согласност од четирите најголеми политички партии, се утврдува предлог за разрешување на специјалниот обвинител. На крајот, за предлогот за разрешување мора да гласаат 2/3 од пратениците, заедно со “Бадентерово“ мнозинство, а одлуката за тоа гласање повторно се праќа до Советот на јавните обвинители.

Според законот не може да се избере в.д. за СЈО, бидејќи тоа беше монократска институција во која специјалниот обвинител беше се, и ги имаше сите овластувања и надлежности. Другите обвинители без неа немаат мандат да постапуваат самостојно и на нив им завршува мандатот.

Седницата на Советот на обвинители ќе биде затворена за јавноста поради тајноста на истражната постапка  “Рекет“, за да не се откријат податоци од истрагата. Штериев, минатата недела соопшти дека до нив е доставен извештајот од Вилма Рускоска, но оти не се комплетирани сите списи за активностите што се преземени во истрагата за случајот во кој е осомничена обвинителката Катица Јанева. Штериев смета дека не може да се назначи в.д специјален обвинител, бидејќи Законот за СЈО не познава таква обвинителска институција. Според Законот за СЈО, ова обвинителство беше монократски орган во кој единствени овластувања имаше само специјалниот обвинител, а сите нејзини помошници обвинители можеа да застапуваат предмети пред надлежен суд само доколку обвинителката Јанева им потпише овластување за тоа. По завршувањето на мандатот на специјалниот обвинител Јанева, другите обвинители помошници, како Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи, Елизабета Јосифоска, Бурим Рустеми и др., се враќаат на работа во матичните обвинителства каде што работеле и каде што им мирува работниот однос.

Обвинителите што му помагаат дури немаат вистински целосен мандат за разлика од сите други обивинители, аналогија не е можна бидејќи духот на овој закон дава овластување специјално на обвинителот кој се бира во специјална процедура, а сите други се негови помошници, така што нема други можности според идејата и духот на законот да има в.д. обвинител од редот на обвинителите. Според законот за СЈО, нивното разрешување е директно врзано со мандатот на специјалниот јавен обвинител. Смислата на законот е меѓудругото е да се тие нејзини луѓе од доверба, тие се еден тим, еден за сите сите за еден, изјави професорот Калајџиев за Канал 5.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.