И секогаш кога сум гледал фотографии, сум се прашувал: што ли зборувале оние кои се сликани на фотографијата?

Објавил: admin@magazin | 2 ноември, 2019 12:26

Спасовски во друштво на УМЕТНИЧКА ЕЛИТА: Од уво до уво се смее со врвните уметници на нашата земја!

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Фотографијата е секогаш минато; и да е сликана една минута пред да ја видиме, таа ѝ припаѓа на минатото.

Секогаш кога гледаме фотографии, се растажуваме (иако тоа не го признаваме): има едно јасно минато на фотографиите. И има премолчен муабет кој не можеме да го слушнеме. Фотографијата е нема и глува. И секогаш кога сум гледал фотографии, сум се прашувал: што ли зборувале оние кои се сликани на фотографијата?

Оваа фотографија ја добив од пријател. И се шокирав: министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во друштво на уметничка елита? Како да го сфатам тоа, во време кога Македонија живее во убедување дека политиката е целосно отцепена од народот, уметниците, интелектуалците? Дека политичарите си имаат свој свет кој не го споделуваат со другите луѓе од најразлични професии? Што бара „првиот полицаец“ на државава, инаку мој роднокраец (Кумановец), прво драг пријател а потоа и политичар, во друштво со мојот омилен, од моја рака напишан книжевен лик – Игњат Глембај (Драган Спасов – Дац), од мојата, но и македонска култна театарска претстава „Генетика на кучињата“?

Што бара тука мојот драг пријател Александар Митевски, кому требаше пред неколку години да му напишам текст за музика, ама поради пезафатеност не успеавме да направиме хит како Горан Бреговиќ и Душко Трифуновиќ? Што бара тука оној театарски и филмски гениј Перо Арсовски, исто така важен лик од мојата дебитантска драма „Бунт во домот за старци“? Тогаш (како и секогаш), направи генијална улога. Што бара легендарниот Копров, што бара оној исклучителен комичар Сашко Коцев без кој „Златна буба мара“ би била само црвен инсект без црни точки? И најнакрај: зошто јас не сум таму, кога со сите сум – повеќе од брат по уметнички дух?

Оваа фотографија заслужува роман: темата е политичарот и другите. Уметниците, интелектуалците, чевларите, народот. Го пишувам ова под силна емоција на надеж дека Македонија допрва почнува како држава. И иако сум деклариран евроскептик, кога ја гледам фотографијава, знам дека од неа ќе биде не само европска, туку и светска држава.

Оваа фотографија заслужува роман: темата е политичарот и другите. Уметниците, интелектуалците, чевларите, народот. Го пишувам ова под силна емоција на надеж дека Македонија допрва почнува како држава. И иако сум деклариран евроскептик, кога ја гледам фотографијава, знам дека од неа ќе биде не само европска, туку и светска држава.

Кај нас, посебно по владеењето на последната постава на ВМРО-ДПМНЕ, се закостени убедувањето дека политичарите се недопирливи. Богови без контакт со другите: уметниците, интелектуалците, чевларите, народот.
Оваа фотографија кажува друго: луѓето се сепак луѓе, имаат исти или различни идеи и политички убедувања, но НАЈДОБРИТЕ во своите професии се секогаш заедно. А јас сè повеќе верувам дека државите се крепат на професиите и на професионалците. Само со професионалци и врвни луѓе во различни професии (како на фотографијата) има смисла да бараат прием во европското семејство на народите.
Браво и за Оливер, за овој гест на дружба. Сме седеле, бидејќи пријатели – повеќепати, но бидејќи е многу скромен и не многу зборлив (повеќе работи одошто зборува, практичар е), не сме размениле многу мисли, уште помалку – емоции.

Оваа фотографија кажува за него сè. Тој, наспроти функцијата која ја извршува, во душата е елитист, затоа што седи со македонската уметничка елита. Оливер е аристократ на духот, без разлика што моментално е министер на најнепопуларната работа во секоја држава – полицијата. Инаку, го запознав кога тој беше младо момче, кога беше главен фактор во кабинетот на мојот драг пријател, господинот Слободан Ковачевски – Таче, тогашен градоначалник на Куманово, а подоцна и македонски дипломат од ков, во Црна Гора. А со политика, и Ковачевски и Оливер се занимаваа со таква страст, со каква вљубен младич се занимава со љубената девојка.
Има во мене и малку локал-патриотизам, додека ја гледам НЕПОЛИТИЧКАВА фотографија на која Оливер е во друштво на луѓе кои не сакаат да ѝ земат, туку да ѝ дадат на својата татковина. Затоа, оваа фотографија за мене е фотографија на надеж, фотографија на иднината, иднината на наша Македонија, без разлика како другите ја именуваат. Веќе реков: секоја фотографија му припаѓа на минатото. Но ова е ретка, исклучителна фотографија, зашто ѝ припаѓа на иднината. Не добивме, поради туѓ грев и недоследност, ветен датум за преговори за ЕУ, но еве, на оваа фотографија (погледнете ги само лицата) стои оптимизмот дека со нашата држава сè ќе биде во ред.

Ако министерот за полиција, а во најава и технички премиер на нашата Влада (до изборите), од уво до уво се смее со врвните, нај професионални уметници на нашата земја, тогаш навистина – кој може да каже дека нашата татковина нема иднина?

Треба да веруваме во Македонија, иако патиштата се крајно неизвесни. Еве ја на фотографија. Аматерска фотографија, ама со професионалци на неа: секој е најдобар во она што го работи. А тоа е формулата на успехот на една држава. Таа формула секогаш победува. Иако треба трпение. Само трпение. Не може да не нè признаат ако сме најдобри. Време е за градење, не за кукање. Да даде Господ и други вакви фотографии да нè разведруваат во миови кога сме колективно, емотивно паднати. И за нив ќе пишувам, само ако отвораат пат кон врвот.

Венко Андоновски

Венко Андоновски е македонски писател (романописец, раскажувач, драмски автор, поет), есеист, критичар и книжевен теоретичар.

Венко Андоновски дипломирал на Филолошкиот факултет “Блаже Конески”, во Скопје. Тој е доктор по филолошки науки и работи како професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Андоновски е член на Македонскиот ПЕН центар. Во 1990 година постанал член на Друштвото на писателите на Македонија.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.