Според министерот Спасовски новогодишната ноќ на територијата на државата поминала мирно!

Објавил: Перо Милчин | 1 јануари, 2021 21:33

Спасовски: Мирна новогодишна ноќ во државата, продолжуваме со осовременување на работата на полицијата

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

„Посебно задоволство ми е што првиот ден од Новата година сум тука со вас, во Крива Паланка и можам лично да ви ја честитам 2021 година и да ви посакам добро здравје, среќа и бериќет, а на сите граѓани на нашата држава подобра, посреќна и просперитетна година!“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешната посета на Одделението за внатрешни работи Крива Паланка, која ја реализираше заедно со заменик на претседателот за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

Според министерот Спасовски новогодишната ноќ на територијата на државата поминала мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир, а на бесплатниот телефонски број во последното деноноќие биле регистрирани 22 јавувања од граѓани и девет пријави за организирана прослава по викенд-куќи и станбени објекти.
 
При посетата, меѓу другото, беше направен увид во реконструкцијата на објектот во кој е сместено ова полициско одделение, со што се остваруваат ветувањата за континуирано подобрување на условите за работа на полициските службеници.

Реконструкцијата и санацијата на градежниот објект беше завршена за само два месеца, а градежно-занаетчиските работи опфаќаа санација на кровната конструкција, комплетна замена на старите дрвени прозорци со нови ПВЦ прозорци, замена и санација на внатрешните врати, на подрумските и просториите за приведување, изработена е комплетно нова фасада и нов пристап за управните служби, каде е поставена е пристапна рампа за лицата со физичка попреченост, извршена е санација на санитарните чворови, заменета е старата со комплетно нова електрична инсталација, како и нов шалтер во дежурната просторија, извршени се молерофарбарски работи на целиот објект.
 
Вредноста на споменативе градежни активности во процесот на реконструкција на објектот ориентационо изнесува 9.000.000 денари или нешто над 146.000 евра, а со особено задоволство ќе констатирам дека при изведбата на зафатите беа имплементирани и мерки за поголема енергетска ефикасност на објектот, а со тоа и поголеми заштеди, како и заштита на животната средина.
Очекувам сето ова да придонесе за што поквалитетно професионално извршување на работните задачи и активности на вработените во ОВР Крива Паланка и уште поуспешни резултати во сите сегменти од нивната надлежност“, посочи министерот Спасовски.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести