Афера „Маѓар Телеком“

Објавил: admin@magazin | 21 март, 2019 11:53

Според таен докумет на СЈО – Бучковски, Ахмети и Џафери се „офајдиле“ за 7,5 милиони евра

Фото/Текст извор: ©magazin.mk

Поранешниот премиер Владо Бучковски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и поранешниот министер за животна средина, исто така од редовите на Демократската унија за интеграција, Муса Џафери, наводно зеле мито во износ од 7,5 милиони евра за да го одложат воведувањето на трет мобилен оператор во Македонија, се наведува во тајниот документ кој вчера го објави обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова, која го води обвинението за аферата „Маѓар телеком“.

Поранешниот премиер Владо Бучковски смета дека СЈО го злоупотребува случајот за да ги подобри шансите за неговиот финален статус што сега се решава. Бучковски исто така најави кривична пријава против Слободан Богоески за давање лажен исказ.

„Дали знаете дека 2,5 милиони евра, според неформалниот документ, требало да бидат исплатени на претставникот на страната А, Владата претставена од Бучковски и 5 милиони евра на „пријателите од Тетово”, А. А. и М. Џ., прашала Стефанова.

Главен сведок на ова рочиште беше поранешниот министер за транспорт и врски, Џемали Мехази, но тој, иако го потпишал протоколот во име на Владата за соработка со ,,Маѓар Телеком,“, не се сеќаваше на ништо.Со обелоденувањето на овој документ и со тоа што како сведок идната недела на 27 март во судот е повикан Слободан Богоески, кој во сведочење пред американските власти за прв пат ги спомена имињата на тројцата политичари кои наводно зеле мито, се посочуваат практично клучните лица околу кои се одвива целата афера и обвинението.

Тројца ексдиректори на „Маѓар телеком“, Елег Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваи, во паралелна постапка што се водеше пред унгарските власти за истиот случај беа обвинети дека во 2005 и 2006 година на македонски функционери им исплатиле мито од приближно 4,8 милиони евра за да ја одложат либерализацијата на телекомуницискиот пазар.

 

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.