Градоначалникот на Охрид, Стојаноски имаше 100.000 евра за медиумско саморекламирање и организирање концерти, но немаше еден милион денари за помош на Сара Настеска

Објавил: Мартин Попоски | 6 ноември, 2018 9:01

Стојаноски има пари за медиумско внимание, но не и за хуманитарна помош

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Општина Охрид и натаму истура милионски суми за реклами во медиумите, милиони се одвојува и за организирање концерти, но нема пари за еднократна хуманитарна помош.

Имено актуелниот градоначалник, Јован Стојаноски, склучил нови договори вредни 2,4 милиони денари за рекламирање во текот на целата година, а за организирање на 5 концерти летово на организаторите им исплатил 5.649.000 денари или безмалку 93 илјади евра.

Исплатите и Стојаноски, исто како и неговите претходници ги врши од општинската сметка, која поради долгови е блокирана од 2005 година и дозволени се плаќања само за основно функционирање на Општината.

Стојаноски, според досега склучените договори за соработка со медиуми, на локални радија, портали и телевизии месечно им исплаќа по 216 000 денари, односно годишно ќе исплати 2.430.000 денари или приближно 40 илјади евра. Договорите со медиумите се потпишуваат во континуитет, a Општината има и долгови кон нив.

Општина Охрид треба да доисплати 549.595 денари на ТВМ, локална телевизија која со години добивала најмногу пари од Општината.

Медиум кој моментално добива најмногу јавни пари преку Општина Охрид е „Супер радио“, кое на месечно ниво добива по 54.000 денари, односно 648. 000 денари на годишно ниво. Телвизијата ТВМ е втор најплатен медиум и за шест месеци ќе земе 330.000 денари. На трето место е МХ радио кое за 12 месеци ќе земе 295.200 денари. Најмалку пари од Општина Охрид, односно по 4 000 денари месечно се одвојуваат за „Москито“.

Во август годинава Општина Охрид ја надминала месечната сума од 216 илјади денари и на медиумите им исплатила вкупно 496.532 денари. Сумата ја кренале неисплатени фактури од минатите месеци.

Потребно е на некој начин да бидеме присутни за тоа што сме го направиле и да бидеме поддршка за медиумите. Не пречи блокираната сметка. Секоја општина која има блокирана сметка има рамка одобрена од судот. Ние имаме 50 милиони месечно. Според договорот, медиумите објавуваат банер, текстови, пресови, се што ние ќе испратиме како допис. – изјави градоначалникот Јован Стојаноски, кој нагласи дека рекламирањето не е луксузирање.

Ставот на ЗНМ за практиката на трошење јавни пари во медиуми за да се добие нивната наклонетост е чиста корупција и ја загрозува независноста на медиумите.

Со народни пари, пак, летово општина Охрид финансирала и 5 концерти, за кои на организаторите им исплатила 5.649.000 денари или безмалку 93 илјади евра.

Предлогот Општина Охрид да помогне со 1 милион денари за лекувањето на Сара, со 17 гласа „воздржан“ не беше усвоен на дневен ред. Градоначалникот Јован Стојаноски смета дека тоа е едноставно поради законските ингеренции на Општината. Говорејќи дека ако од буџетот еднаш се издвојат средства, ќе треба тоа да се прави за сите бидејќи има и други болни лица

Парите ги зеле два правни субјекта „БМЈ Медиа гроуп“ издавач на „1ТВ“, чиј сопственик е Бојан Јовановски, и „Самоорганизација букинг“ застапник на „Аволон продукција“, чиј сопственик е Бобан Милошески.

„БМЈ Медиа гроуп“, односно „1ТВ“ ги организираше концертите на Марија Шерифовиќ и на Северина за што Општината им платила 2 милиони денари. „1ТВ“ емитуваше и рекламни спотови, за кои службите на општината не кажаа колку средства се исплатени. Летово градоначалникот на Охрид, Стојановски, имаше низа гостувања во „1ТВ“ на кои се фалеше со реализираните проекти во Охрид. Сопственикот на телевизијата, Јовановски, вели дека гостувањата не се платени со парите што ги зел од Општината за концертите, туку станува збор за покана од страна на новинарите. За двата милиона што ги добиле, во рамки на организацијата на концертите, објавувале и рекламни спотови.

Договорот е помеѓу ‘1ТВ’ и Општината. Се емитуваа рекламни спотови, се промовираше Општината, која беше покровител на двата концерта. Општината доби соодветен третман во ‘1ТВ’. Тоа е цел пакет. Ние побаравме поддршка од градоначалникот. -вели Бојан Јовановски, сопственик на „1ТВ“, чија фирма доби пари.

Втората продукција, за чии концерти биле дадени народни пари, била „Самоорганизација букинг“, односно „Аволон продукција“, која беше истражувана од Финансиската полиција поради долгови кон ЗАМП за авторски права. За концерти на пет имиња од светската ДЈ-сцена на фестивалот „Охрид колинг“, Стојаноски им дал 3.5 милиони денари. Оваа фирма доби и 100.000 евра од Министерството за култура по повод „25 години Авалон“.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.