Кривични пријави за законот за јазици

Објавил: Узунов Бобан | 18 јануари, 2019 15:28

Талат Џафери, Неџбедин Ибраими и Мартин Костовски добија кривични пријави за Законот за јазици

Фото/Текст извор: ©магазин

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, соопшти дека партијата денеска поднесува кривични пријави против претседателот на Собранието, Талат Џафери, Неџбели Ибраими во својство на техничка служба, и директорот на Службениот весник, Мартин Костовски, поради сомнение за злоупотреба на службената положба, при носењето на Законот за јазиците.

„Џафери не можел и не смеел да го испрати законот за објавување, а Ибраими немал никакво овластување да потпише. Костовски е одговорен бидејќи не смеел да објави указ за прогласување на закон без потпис на Претседателот“, рече Јанушев и додаде дека тројцата извршиле свесно загрозување на уставниот поредок бидејќи јасно е пропишана процедурата за прогласување на законот.

Тој го повтори партискиот став дека Законот е штетен и ќе предизвика далекусежни последици по Република Македонија. Дополнителен проблем, вели Јанушев, е што законот е донесен насилнички и недемократски.  Опозицијата е децидна дека со заобиколувањето на Иванов е направен правен преседан и целосно безаконие, бидејќи уставот стриктно пропишува дека указ за прогласување на закон не може да биде спроведен без потпис на претседателот на Република Македонија.,

ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да се ослободи од политичките притисоци и веднаш да постапи по оваа кривична пријави со цел, како што вели Јанушев, да се елиминираат штетите по државата нанесени од страна токму на Џафери, Ибраими и Костовски.

Јанушев додаде дека во моментов во процес на подготовка е и поднесокот до Уставен суд кој во понеделник ќе биде процесуиран, а со кој ќе побараат испитување на уставноста на законот за двојазичност, но истовремено бараат и изрекување на времена мерка за стопирање на имплементацијата на законот.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.