Претседателот на Косово ги игнорира нападите од политичките партии, решен во својата Одлука со размена на територии да се помири со Србија

Објавил: Мирко Бачиќ | 3 септември, 2018 8:33

Тачи: Време е за голем историски договор меѓу Косово и Србија, одлични односи со Македонија, Црна Гора и со Албанија

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Претседателот на Косово Хашим Тачи, обраќајќи им се на амбасадорите на земјите на Европската Унија, САД и на шефовите на мисиите на КФОР, ОЕБС и Еулекс, рече дека сега е време за „голем историски договор меѓу Косово и Србија“, соопшти неговиот кабинет.

„Не можеме да се враќаме назад зашто историјата на односите меѓу Косово и Србија е трагична приказна. Не можеме да стоиме во место или во пат-позиција, а немаме ни што да чекаме, зашто заостанувањето и чекањето во решавањето на односите меѓу Косово и Србија е токму повик за тензии, дестабилизација, големи проблеми, не само меѓу нас туку и во целиот регион“, рече Тачи.

Според неговите зборови, ниту Косово ниту Србија немаат време за губење, а во следните месеци треба да постигнат договор за потполна нормализација на односите.

„Косово е уморно од заостанувањето во процесот на внатрешна и меѓународна консолидација. Нешто поради тоа што Србија се меша во работите на Косово, нешто поради тоа што ЕУ не успеа да создаде консензус да го признае Косово, или пак затоа што многумина мислеа дека работите со текот на времето сами од себе на Косово и околу Косово ќе се решат. Произлезе дека таквото мислење е сосема погрешно“, кажа Тачи.

Тој наведе дека Косово се стреми кон траен договор со Србија, односно смета дека тоа не треба да биде „уште еден минлив договор, кој само ќе ги пролонгира проблемите за неколку години“.

„За нас потполна нормализација на односите меѓу Косово и Србија претставува формално, реципрочно меѓусебно признавање меѓу Косово и Србија. Трето, ние се стремиме, со право, преку овој договор, преку формалното меѓусебно признавање меѓу Косово и Србија, да ни се отвори можност да станеме држава-членка на ООН, ОЕБС и НАТО, и навистина да ни се даде перспектива за зачленување во ЕУ“, кажа Тачи.

Тачи наведе дека реципрочното признавање на двете држави може да биде проследено со договорен процес на двете страни за корекција на границата меѓу Косово и Србија.

„Повторно, треба да бидам мошне јасен: Овој процес ќе го означи крајот на судирите меѓу Косово и Србија кој трае подолго од еден век, а не почеток на нов судир. Времето на војни и судири меѓу Косово и Србија, според моето уверување, помина. Крајот на оваа ера може да биде констатиран само тогаш кога ќе постигнеме голем политички договор со Белград“, рече Тачи.

Тој кажа и дека договорот меѓу Белград и Приштина ќе придонесе за мирот и стабилноста на овој дел од Балканот.

„Ние имаме одлични соседски односи со Македонија, Црна Гора и со Албанија. Така ќе биде засекогаш меѓу нас. И се разбира дека се стремиме да имаме мошне добри односи и со Србија, во блиската иднина“, рече Тачи.

Според зборовите на Тачи, доколку се постигне договор за целосна нормализација на односите, тоа нема да има никакви последици врз мултиетничкиот карактер на косовското општество и врз правата на малцинските заедници на Косово, кои се загарантирани со Уставот и со законите.

„Како претседател на Косово јас сум сигурен, како и сите косовски институции, дека сме и ќе останеме гарант на зачувувањето на српското верско и културно наследство во Косово, а особено на тоа што е поврзано со позицијата на Српската православна црква“, рече Тачи.

Тој рече дека, како и во минатото, ќе настапува во целосна координација со меѓународните партнери на Косово.

„Знам дека ќе биде мошне тешко да се постигне договорот. Има негови остри противници и овде, во Косово, но и во Србија. Знам дека целиот овој процес носи во себе многу непознато и многубројни ризици. Меѓутоа, нема поголем ризик за нас како Косово од тоа да продолжиме да бидеме во оваа пат-позиција како држава и како општество“, рече Тачи.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.