Дали има судир на интереси ?

Објавил: Узунов Бобан | 17 септември, 2019 15:23

Тендерот за електронско полагање во Академијата за судии го има лице чија сопруга е вработена кај Драги Рашковски ?

Фото/Текст извор: ©магазин

СДСМ и Зоран Заев немаат намера да запрат со урнисување на правниот систем во Република Македонија, рече пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илијоски.

-Со новиот Предлог закон за Академија за судии и јавни обвинители, оваа власт има намера целосно да го партизира процесот на избор на судии и јавни обвинители. Овој предлог на закон предвидува во органите на Академијата и во комисијата за прием и завршен испит да членува претставник од Министерството за правда, предложен од министерот, кој што директно ќе влијае во процесот на селекција на кандидатите. Покрај тоа што СДСМ повторно и на овој закон како и на многу други досега, го злоупотребува европското знаменце со цел да ја ограничи расправата и на мала врата да го протне законот, најавуваме дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе се спротистави на ова несериозно газење на правната држава.

Имено, власта со овој закон предвидува дури 70 од вкупно 100 поени, да се добиваат пред Комисија, по субјективна проценка, во која комисија влијание има министрот за правда. Ова значи дека власта на овој начин до јуни 2020 година планира да избере стотина или повеќе „подобни“ обвинители и судии. Сметаме дека со овој предлог закон наместо да се подобруваат стандардите и да се подигнуваат на повисоко ниво, власта го девалвира изборот на идни судии и обвинители со што го прави субјективен и да зависи од личности, а не од самиот квалитет на кандидатите.

Тоа покажува дека на Зоран Заев и на СДСМ не им е битно Македонија во иднина да има професионални и независни судии и обвинители туку подобни судии и обвинители кои ќе замижуваат пред нивните криминали и афери.


Како пример, субјективизмот во изборот на судии и обвинители е во тоа што наместо познавање на англиски јазик да се докажува со меѓународен сертификат, кандидатите го полагаат по тестови и прашања составени од фирма избрана од Генералниот секретар на Владата, во случајов Драги Рашковски, односно Генералниот секретар е надлежен за тендерската постапка на Академијата, а тендерот го има добиено негов куќен пријател, чија што сопруга работи во владата преку авторски договор, што е уште еден случај на директно политичко влијание.


Исто така, наместо да се воведе мерит систем за кандидатите преку рангирање на факултетите според шангајската листа и просекот што го оствариле кандидатите во текот на студирањето, со овој закон секој кандидат за кој што Заев и СДСМ сметаат дека е партиски подобен ќе може да биде судија или обвинител. 

Едноставно кажано со новиот Предлог закон за Академија за судии и обвинители полесно ќе биде да се стане судија или обвинител отколку државен службеник. Ова решение веќе постои во Законот за административни службеници. Замислете мерит системот важи за административни службеници, а нема да важи за Академијата за судии и обвинители. Тотален апсурд. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата смета дека ова законско решение е многу штетно и не го подобрува правниот систем туку дополнително ќе го партизира и уништи, истакна Илијоски.

Тој додаде дека во текот на собраниската процедура ќе поднесеме суштински амандмани кои што значително ќе го подобрат текстот на законот и истите ќе допринесат за оваа Академија на судии и обвинители продуцира професионални и пред се независни кадри кои што би требало да го кренат правниот систем и правната држава на здрави нозе.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести