Длабока политичка криза во Албанија

Објавил: Узунов Бобан | 19 јуни, 2019 7:26

Тензнично во Албанија, Мета се закани дека ќе ја извади војската на улица

Фото/Текст извор: ©магазин

Албанскиот претседател Илир Мета на средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ кажа дека во својство на врховен командант ќе ја изнесе војската на улиците, ако има обид за одржување на локалните избори на 30 јуни, кои тој ги одложи.

Како што наведува албанскиот весник Шќип, албанскиот претседател кажа дека добил информации од странски служби дека ќе бидат предизвикани немири на улиците во градовите во Албанија доколку дојде до одржување на изборите и дека тој како шеф на државата тоа не може да го прифати.

Состанокот кој Мета го одржал со амбасадорите на земјите членки на ЕУ траел два часа и бил посветен на политичката криза во земјата, особено на неговата одлука да ги одложи изборите.

Мета претходно вчера им испратил писмо на амбасадорите, објаснувајќи им ги причините за одложувањето на изборите, притоа додавајќи дека „Албанците нема да гласаат на 30 јуни“.

Во писмото тој ја оценил постапката на владејачката албанска Социјалистичка партија за негово отповикување како државен удар.

Мета меѓу другото ветил дека ќе се обиде да ги седне албанскиот премиер Еди Рама и лидерот на главната опозициска албанска Демократска партија Љуљзим Баша на преговарачка маса, за да се најде решение.

Ако успее во тоа, како што се наведува, ќе ја замоли опозицијата да се откаже од закажаниот протест на „обединетата албанска опозиција“ закажан за 21 јуни.

 

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.