Тензии помеѓу Иран и САД

Објавил: Узунов Бобан | 21 јуни, 2019 11:17

Трамп одобрил напад на Иран па го откажал

Фото/Текст извор: ©магазин

Американскиот претседател Доналд Трамп денес одобрил воен напад врз Иран во знак на одмазда поради соборувањето на беспилотното летало вредно 130 милиони долари, но го откажал кога авионите веќе биле во воздух. 

Трамп првично одобрил напад на одреден број избрани цели, како што се радарски и ракетни системи, според информации од високи административни службеници вклучени или информирани за темата.

Нападите биле закажани за петок пред зори за да се намали ризикот за иранската војска или цивилите, додаваат.

„Авионите веќе беа во воздух и бродовите на своите позиции, но ниту еден проектил не беше лансиран кога пристигна пораката: Откажете“, Њујорк тајмс цитираше висок официјален претставник од Белата куќа. 

Не е јасно дали нападите врз Иран сепак ќе се спроведат, како што не е позната причината за откажување на нападот, се истакнува.

Американските медиуми објавија дека „капката што ја прелеа чашата на Трамп“ било соборувањето на американскиот дрон во четвртокот.

Видеоснимка од иранските сили како го уништуваат дронот на американската морнарица е објавена на социјалните мрежи на иранската армија.

Краткиот клип снимен во раните утрински часови со драматична музика во позаднина покажува лансирање од артилеријата на Иран и експлозија на мета на небото, за која тврдат дека е американски дрон.

Ниту една од снимките дефинитивно не потврдува дали соборувањето се случило во меѓународните води или во воздушниот простор на Иран, што е спорна точка меѓу Вашингтон и Техеран.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести