„Ова се американски државјани кои се трајно разделени од нивните сакани кои биле убиени од илегални имигранти – криминалци“

Објавил: admin@magazin | 23 јуни, 2018 14:20

Трамп се сретна со семејствата на Американци убиени од илегални имигранти

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се сретна со семејства кои загубиле блиски убиени од страна на илегални имигранти во САД. Средбата е одговор на критиките во јавноста за праксата во некои случаи да се раздвојуваат децата на илегалните имигранти од нивните родители, додека да се завршат истрагите или процесот на депортирање.

– Се собравме денеска да слушнеме од американските жртви на илегалната имиграција. Ова се американски државјани кои се трајно разделени од нивните сакани кои биле убиени од илегални имигранти – криминалци. Медиумите ги игнорираат овие семејства. Нашата прва должност е да им бидеме лојални на граѓаните на САД. Нема да запреме додека границата не биде безбедна и додека не ставиме крај на имигрантската криза, изјави претседателот Трамп за време на средбата.

Тој воедно ја повика јавноста да ги прима вестите од границата меѓу САД и Мексико со доза на резерва, особено откако неделникот „Тајм“ на насловната страница го обвини Трамп за разделувањето на децата од нивните мајки. Се покажа дека во случајот кој беше посочен од страна на „Тајм“, девојчето на насловната страница воопшто не било разделено од нејзината мајка, која пак неколку пати илегално влегувала во САД и го понела девојчето на пат од Хондурас кон САД спротивно на волјата на нејзиниот сопруг и ги оставиле своите три други деца зад себе.

– Медиумите ја пренесуваат едната страна, но никогаш не ја пренесуваат вашата страна, додаде Трамп, обраќајќи им се на семејствата чии блиски биле убиени од илегални имигранти. Се проценува дека вкупно околу 2.000 деца биле разделени од нивните родители на границата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.