Дозволата за емитување во Македонија ја добиле пред две недели

Објавил: Катерина Крстиќ | 17 април, 2019 11:32

Три бугарски телевизии влегоа во македонскиот етер

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Македонскиот медиумски простор збогатен за уште три бугарски телевизии со различна програмска содржина, вести, туризам и подобрување на животот. Бугарските телевизии се пуштени во етерот од завчера.

Како што пренесува МИА, дозволата за емитување во Македонија ја добиле пред две недели, а во моментов може да се гледаат на територијата на Општина Струмица преку кабелскиот оператор Нет кабел. 

Визија им е да достигнат до еден милион и се надеваат дека присуството во македонскиот етер ќе им помогне во тоа. Во скоро време планираат да отворат и студио во Скопје.

Станува збор за ТВ Европа, која е првата бугарска телевизија за вести, Велнес ТВ, првата бугарска и европска велнес-телевизија посветена на спорт, здрава исхрана и развојот на децата и ТВ Туризам, телевизија која нуди информации за туристичките понуди и дестинации.

Според она што го истакна програмскиот директор на ТВ Европа Љубомир Попов, на презентацијата во Скопје, до сега во телевизијата се вработени околу 100 лица и има од 20 до 25 дописници од Бугарија и 10 од Европа. Тој додаде дека приватната телевизија Европа постои веќе 18 години и 24 часа во денот, на секои 30 минути, нуди вести од Бугарија, Европа и светот, а се емитува преку кабелски оператори и преку сателит. 

Иван Тодоров, основач на ТВ Велнес Иван Тодоров рече дека телевизијата постои четири години, односно од 2015 година и емитува програма во Бугарија, Хрватска и Украина, а од неодамна и во Македонија.

„Отворете очи за подобар живот“ е нашето мото и се надевам дека тоа ќе го донесеме во вашиот дом, порача Тодоров.

ТВ Туризам пак е третата од телевизиите кои од завчера се во етерот во Македонија, и постои веќе 10 години во бугарскиот медиумски простор. Оваа телевизија нуди програма за сите видови на туристички услуги и ги промовира новитетите во областа на туризмот во Бугарија и во светот. Телевизијата нуди над 50.000 часови документарна програма за повеќе од 10.000 туристички локации и дестинации.

Сметаме дека ТВ туризам ќе биде еден од мостовите меѓу двете земји за нашиот заеднички пат кон Европа, порачаа од ТВ туризам, кои изработиле и промотивно видео на македонски јазик, со кое ги канат сите кои снимаат видеа со кои ги промовираат туристичките дестинации и убавините на нашата земја, да контактираат со нив, за тие да бидат пренесени преку телевизијата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.