Помина првата фаза, следат уште две и потписот на претседателот Иванов, албанците најавија нови амандмани пред да дадат зелено светло за втората и третата фаза, процесот ќе трае

Објавил: Мирко Бачиќ | 19 октомври, 2018 23:18

Уставните измени се гласаат во три фази, ова не е крај!

Фото/Текст извор: ©online/магазин.мк

Според одредбите од Деловникот на Собранието, целата постапка за промена на Уставот, ако се почитуваат крајните рокови, треба да трае околу три и пол месеци.

Постапката за измена на Уставот би одела во три фази. 

Во првата фаза, Собранието, со двотретинско мнозинство треба да донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот.

Во втората фаза треба да се утврдат нацрт-амандманите и за тоа е неопходно просто мнозинство или 61 глас.

Третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.

Првата фаза која заврши вечерва со доставувањето на Предлогот за уставни измени од Владата до Собранието може да трае најмногу 20 работни дена, односно 10 дена за дебата во собраниската Комисија за уставни прашања и уште 10 дена на пленарна седница на Собранието. 

Постапката продолжува на пленарна седница во Собранието, на која со двотретинско мнозинство треба да биде донесена одлука за пристапување кон измена на Уставот, по што се преминува кон втората фаза, односно подготовка и утврдување на нацрт-амандманите.

Собранискиот Деловник предвидува од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.

Втората фаза или претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но може да биде завршено и побрзо од максималните рокови. 

Собранието со најмалку 61 глас треба да ги утврди нацрт-амандманите, по што тие одат на јавна расправа, чие времетраење го утврдува Парламентот.

По оваа меѓу фаза, Владата треба да ги изготви предлог-амандманите и да ги достави до Собранието. Од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.

Предлог амандманите треба да бидат разгледани од  Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, а на крај и на пленарна седница.

Третата фаза е конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа.

За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.

На крај усвојувањето на амандманите т.е. технички новиот Устав на Република Северна Македонија мора да биде потпишан со указ од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, инаку нема да има правно дејство.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести