На малите деца во саботата навечер под перницата им ставаат црвено јајце што им го даваат утрото во неделата кога ги водат во црквата.

Објавил: Перо Милчин | 23 април, 2022 6:56

ДЕНЕСКА Е ВЕЛИКА САБОТА: Се прават последните подготовки за празникот – денот меѓу смртта и воскресението!

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Велика сабота или Велјасабота е ден од Страдалната седмица. Според источното христијанство тој е осми ден од Страсната седмица, односно 7 дена по Лазаровата сабота и шест по Цветници.

А според западното христијанство тој е седми ден од страсната седмица, односно шест дена по Цветници. Велика сабота е посветена на споменот на пребивањето на Исус Христос во гробот, и Неговото слегување во адот.

Сабота, значи покој. Велика сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, ден на Најголемиот покој и на Најголемиот Покојник. Тоа е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста. Денот на Големиот Покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера.

Сабота, значи покој. Велика сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, ден на Најголемиот покој и на Најголемиот Покојник.

Овој е втор ден на христијанската жалост, тага и молк. Ден на длабоко молчание, созерцание и покој. Сабота е денот на оплакувањето на Покојникот. Тогаш, Христовата Мајка – Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, го оплакувале Исуса Христа. Денес на овој ден се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица. Велика сабота е определена како Ден за чување на гробот.

Во Македонија некои на Велика сабота, за празник ја сметаат само додека се во црквата, а потоа може да се работи.

На овој ден се прават последните подготовки за празникот, се чисти куќата и се готви храна.

Во Мариово жените ги переле појасите верувајќи дека не ќе ги боли половината во текот на годината кога ќе копаат и жнијат. Вечерта, околу полноќ, се оди во црквата каде што секој носи црвено јајце. Во Радовиш носеле и свеќа и зелено гранче или цвеќе, а свеќата запалена од свештеникот ја носеле дома и со неа го запалувале огнот. На полноќ сите присутни со тропарот „Христос воскресе“ три пати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршкаат со црвените јајца и се омрсуваат.

На малите деца во саботата навечер под перницата им ставаат црвено јајце што им го даваат утрото во неделата кога ги водат во црквата.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.