На ова укажува и растот од 11.2% во секторите трговија, транспорт и хотелиерство, кои беа најизложени на затварањата на економијата во текот на пандемијата

Објавил: Мате Парлоф | 11 јуни, 2022 16:21

Фајненс Тинк го објави Макроекономскиот монитор

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Во првиот квартал од 2022, БДП се зголеми за 2.4% на годишна основа. Овој раст е остварен на ниска споредбена основа од К1-2021, но е сличен на динамиката од 2021 година, укажувајќи на понатамошна умерена пост-пандемиска консолидација на економските текови.

На ова укажува и растот од 11.2% во секторите трговија, транспорт и хотелиерство, кои беа најизложени на затварањата на економијата во текот на пандемијата.

Кај останатите сектори, растот во К1-2022 е стагнантен, што е особено забележливо кај земјоделството (0.3%) и преработувачката индустрија (0.2%), додека градежништвото забележа значителен пад од 17.2%. Растот на извозот и увозот забрза, на 11.1% и 24.4%, соодветно, што е одраз на олабавувањето на тесните грла во глобалните синџири на снабдување од почетокот на годината, а пред Руската инвазија врз Украина. Бруто инвестициите (38.6%) бележат значајно понатамошно закрепнување. Стабилизацијата на пазарот на труд и растот на платите ја поддржаа приватната потрошувачка (4.9%), додека јавната потрошувачка (0.5%) во овој квартал одразува фискална консолидација при реализација на иницијално планираниот буџетски дефицит во износ од 19.9%.

Невработеноста во првиот квартал од 2022 понатамошно благо се намали, на 14.8% од претходните 15.2% (К4-2021). Но, се намали и вработеноста, од 47.3% на 47.1%. Овие остварувања се резултат на понатамошното пасивизирање на населението (пад на стапката на активност од 55.7% на 55.3% помеѓу два квартала).

Во првиот квартал од 2022, инфлацијата се искачи на 7.7% на годишна основа. Овој раст на цените е скоро во целост движен од глобалните притисоци врз цените на примарните производи и енергијата, но тие се пренесоа и врз пошироката потрошувачка кошничка, особено во делот на домување и ресторанско-хотелски услуги.

Неизвесноста во економијата значајно се засили по Руската инвазија врз Украина на крајот од февруари 2022. Изгледите за растот на Европскиот континент се влошија, а интензитетот на конфликтот укажува на подолготрајност на ценовните притисоци во споредба со првичните прогнози. Оттука, Finance Think надолно ја ревидира проекцијата за растот на БДП во 2022 на 2.8%, додека годишната инфлација се проектира на 9.7%.

Finance Think

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.