Претседателот на МАНУ, кој минатата недела го оцени Договорот од Преспа како одличен, сега тврди дека опозицијата е во право што ја губиме придавката Македонски - Македонска

Објавил: Мартин Попоски | 16 септември, 2018 13:29

Фити се премисли: Договорот за името можеше да биде подобар!

Фото/Текст извор: ©слободнаевропа.мк

Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Таки Фити, почна да ги релативизира ставовите. 

Ако не се променеше Уставот, ќе имавме и подобар Договор, но тоа се преговори, а исходот на преговорите зависи од вкупната констелација на односи и од преговарачката и политичката моќ на самите земји.

Грција има многу поголема преговарачка моќ, вели академик Таки Фити, претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Во врска со спротивставените ставови во МАНУ за прашањето за името, тој вели дека слични проблеми има во сите академии.

“За секое прашање мислат дека МАНУ треба да има став, па МАНУ не е политичка партија, МАНУ е врвна научна и уметничка институција. Од тоа треба да се тргне, не мора да се постигне едногласие за кое било прашање, дури и за најтешките и не е добро, иманентно е на научна институција да има различни погледи и сфаќања и сега не може вие да инсистирате и да натурате. Јас велам – секое поинакво мислење, апсолутно е легитимно, секој академик има право тоа да си го каже.” – изјави Фити.

На прашањето дали македонската страна можеше нешто повеќе да издејствува во текот на преговорите, претседателот на МАНУ одговара дека „ако успевме со меѓународен договор да го решиме ова прашање врзано со промена на Уставот, тогаш можеби и ќе отпаднеше потребата од менување на имињата внатре во земјата, бидејќи опозицијата обвинува и тука во основа и има вистина во тоа“.

“Тоа значи дека на еден или друг начин едно, така да речам, институционално обезличување. Има неколку институции кои го носат атрибутот македонски, како Македонска академија на науки и уметности, Македонска радио телевизија, Македонска опера и балет итн., тоа не се многу. Бидејќи тие го признаваат атрибутот македонски, како македонска култура, традиција, македонско вино.., сe е тоа во ред, меѓутоа тоа се малку институции каде што стои тој атрибут. На пример имаме Институт за македонски јазик, како да го промениме тоа, тавтологија е да напишете Институт за македонски јазик на Република Северна Македонија. Тоа се тавтологии. Нашите експерти и оние кои ги консултиравме мислат дека има некоја флексибилност за овие неколку институции можеби треба да се разговара.” – изјави Фити.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести