Како што објави црногорскиор портал Аналитика

Објавил: Узунов Бобан | 3 октомври, 2019 21:51

(ФОТО) ЕДНО ЗНАМЕ НЕ ПОГОДИЈА: Пендаровски се извинува на Ѓукановиќ за погрешно поставеното знаме на Црна Гора

Фото/Текст извор: ©магазин

Македонскиот протокол не престанува да ја бранува јавноста со скандали. Последниот е со црногорското знаме, и како што објавува црногороскиот портал Аналитика, Кабинетот на претседателот Пендаровски се извинил за погрешно поставеното знаме на средбата помеѓу црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и претседателот Пендаровски. 

Фотографија која што е уште една потврда за срамните скандали на македонскиот протокол овој пат од кабинетот на претседателот Пендаровски. Ова следува после низата скандали на владиниот протокол со погрешно поставени знамиња, пранкери и друго. На фотографијата видно е дека знамето е поставено погрешно токму пред очите на првиот човек на Црна Гора. 

Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија се извинува за превидот при официјалната посета на црногорскиот претседател Мило Ѓукановик на Скопје-стои во соопштението. 

Протоколот на претседателот на државата

Во Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски постои Служба за протокол која во соработка со другите сектори работи на активностите на претседателот во земјата, неговите посети во странство, прием на официјални домашни и странски делегации, организирање на настани на кои е домаќин претседателот како покровител, како и активности за одбележување на националните празници во земјата. Многу едноставен, но не прецизен одговор од кабинетот на Пендаровски за тоа кој, колку се вработени и како работи на протоколот на шефот на државата на оваа исклучително важна позиција.

– Во однос на прашањето за основање на единствена државна служба за протокол, Кабинетот на претседателот би ја поддржал секоја иницијатива која води кон унапредена организација и спроведување на протоколарните активности во земјата, како и зголемена ефикасност при користењето на јавните ресурси. Протоколот на една држава е многу важен затоа што ни помага за подобро наше претставување како пред нашите граѓани во земјата, така и пред странските партнери – велат од таму. 

ПРАВИЛА, ПРОЦЕДУРИ И СКАНДАЛИ ВО ПРОТОКОЛИТЕ

Сè може да го наруши редот, а најчесто тоа и се случува

Протоколот е многу одговорна и специфична работа, нагласува Санде Смиљанов. Сè може да го наруши редот, а најчесто тоа и се случува, нагласува, и токму затоа одговорниот државен службеник за протокол во секоја прилика мора да биде подготвен да даде одговор на непредвидените и непријатните ситуации, односно треба да импровизира.

– Во поново време според најновите анализи согласно стратегискиот маркетинг, на луѓето кои се занимаваат со протокол им е дозволено да импорвизираат, но сето тоа да биде беспрекорно изведено и реализирано. За жал, успехот на протоколот не се забележува, ниту се истакнува. Од друга страна, за грешките од кој било вид одвивање на јавни настани и манифестации, по правило, секогаш е виновен протоколот, без разлика на тоа дали истиот имал удел во сето тоа или не. Мора да се спомене дека протоколот не е работа за секого. Особено тоа не е работа за оној вид на водачи кои сметаат дека можат сè да сработат самите. Успешен водач – лидер во протоколот секогаш се потпира на тимската и однапред испланирана работа, на стручна оспособеност за тој вид работа и на секогаш добредојдена среќа, смета  Смиљанов.

Мисијата на државниот протокол е да овозможи претпоставените водачи – лидери кои го водат протоколот да остават позитивен „прв впечаток“ на гостите, потоа да реализира беспрекорни церемонии и приеми, како и да овозможи удобна атмосфера за постигнување на целта на овие настани. Штом ќе се совладаат овие правила, се заштедува на време и пари.

Словенечкиот државен протокол е еден успешен модел на функционирање и работење. Формиран е од страна на претседателот на Република Словенија во 2003 година со Уредбата за основање и функционирање на протоколот на Владата на Република Словенија се удрени првите темели за воспоставување на Државниот словенечки протокол. Потоа се донесени уште двата клучни документи за функционирање на Словенечкиот протокол, а тоа се Одлука за функционирање на протоколарните правила и Кодексот за протокол и други пропратни закони, уредби и правилници кој што се во функција на протоколот, како на пример: Законот и уредбата за грбот, знамето и химната и Виенските конвенции.

Кога се напуштат строгите протоколарни процедури

Како резултат на желбата ефективно да се надминат разликите, да се постигне компромис, да се направи акт на добра волја, историјата бележи и правило на напуштање или ублажување на протоколарните обичаи. Во тој поглед Ватикан, кој, веројатно, е најстариот двор во Европа, е добро познат по префинетоста на таквата протоколарна практика.

Нашиот пример за излегување од строгите протоколарни постапки е за време на официјалната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Скопје, која беше наречена историска, по потпишувањето на Договорот од Преспа. Кога премиерот Зоран Заев го пречека неговиот колега со целосно највисоки официјални почести, беше исклучен делот со интонирањето на химните на двете држави, со објаснување дека се „кратки“ со времето.  Но, затоа имаше доволно време Заев и Ципрас да направат неколку „селфи“ пред зградата на Владата, со што најверојатно сакаа да покажат опуштеност, најавувајќи идно блиско пријателство. И не знам, кој го прави протоколот, го потврдува или го корегира, сепак или немаат одговор или немаат објаснување.

Украински министер за одбрана понесе лубеници од Македонија, за Карлос Слим охридска пастрмка

При посета на еден министер за одбрана на Украина во Република Македонија, кој пристигнал со авион на украинското Министерство за одбрана, во летниот период, за време на официјалниот ручек како десерт му била послужена лубеница. Имено, лубеницата толку многу му се допаднала што при неговото заминување, тој со себе понел „еден тон“ лубеници од Македонија. Традиција во служба на креирање пријателски релации, зарем не?, раскажуваат протоколџиите.

За време на посетата на емирот на државата Катар, Шеик Хамад бин Калифа ал Тани во 2011 година, на нашата држава, на официјалните ручеци беше угостуван со традиционална македонска националната храна односно со ќебапчиња и гравче тавче. Емирот Хамад бин Калифа Ал Тани во придружба на домаќинот, претседателот Ѓорѓе Иванов јадеше скара и печени пиперки во познатата ќебапчилница Дестан, во Старата скопска чаршија порции стандардни ќебапчиња со кромид ручаа емирот и претседателот.

На високиот гостин специјалитетот му се допаднал. Шеикот Ал Тани, кој е на листата на најбогатите луѓе во светот, во неформална прошетка низ чаршијата се покажа како срдечен и непосреден човек. Ги разгледуваше производите на занаетчиските дуќани, се поздравуваше со присутните, ги прегрнуваше децата. Целата прошетка помина во опуштена атмосфера и добро расположение, без воопшто да се забележи присуството на бројното обезбедување.

На најбогатиот човек на светот, Карлос Слим во април 2012 година, на еден форум во Охрид, за време на официјалниот ручек во хотелот „Инекс Горица“ му била приготвена традиционална охридска пастрмка и разни видови ајвар и макала, кои што ги има само на овие простори од светот. Тоа е најдобар начин за презентирање на македонската традиција, култура и кујна. На коктелот кој бил приреден во негова чест пиел црвено вино. Ноќевал во  апартманот „Јуниор“, кој има прекрасен поглед на Охридското Езеро  и кон градот Охрид. Милијардерот, кој според вработените во хотелот се однесувал многу скромно, немал никакви посебни побарувања и не посакал ништо  поразлично од останатите гости. На ручекот со останатите учесници на конференцијата, и нему му било послужено телешко мени и Охридска торта

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести