Претпоставка на оваа десничарска фантазија е дека Македонецот е само Македонец ако се чувствува постојано загрозен и соодветно и постојано писка дека нема да загине поради тоа.

Објавил: Рејхан Бајрами | 6 јуни, 2019 14:23

ФРЧКОСКИ: Нека разберат клетите “Ш“, македонско име нема да загине“

Фото/Текст извор: ©либертас

Во паролите на омраза упатени кон другите, Албанците, а во чест и по повод радоста за успехот на ракометниот клуб „Вардар“, значаен дел од толпата т.н. Комити навивачи на „Вардар“ всушност по книга ја одразуваат шемата на заснованост и восприемање на десните идентитетски митологии на малите нации-жртви.

Тие се секогаш (иако тоа не можат и не сакаат да го признаат и прифатат) одлучно релациски, се врзуваат и дефинираат само во однос на Другиот (кој може да се сака, мрази, посакува да исчезне или стави во гасна комора) но мора да постои за апелот за сопственото само-признавање да се упати кон него, за да признавањето на себе и за своето постоење се води од лицето на другиот или уште полошо – како се вели во песната „нека разберат клетите “Ш“, македонско име нема да загине“.

Од друга страна таа митологија е секогаш и одлучно конструктивистичка или конструира традиција, празно-традиционалистичка, ги измислува традициите, постојано загледана во центарот на своето наводно национално битие како во празнина, дупка, јама која сака да се обраби по краевите со споменици и фантазија.

И конечно по онаа позната методологија во меѓународната политика – никој не може да те заебе така како што ти самиот себе можеш да се заебеш: таа десничарска идеолатрија е погубна за консолидацијата и напредокот, бидејќи е статична и невозможно конзервирачка, а тоа конечно значи загрозување на само-одржливоста на сопствената нација и народ.
Значи не се работи за национализмот и неговата мотивирачка сила во современата политика, и тоа можеби последниве 300 години.

Не се работи за тоа дека луѓето формираат различни заедници засновани на заеднички јазик, култура, етнос и само-свест, која опфаќа идеја и идеологија за автономија и само-владеење. Не се работи ниту за тоа дека националиот и националистичкиoт наратив се злоупотребува од популистичките узурпатори на власт. Туку се работи за една посебна, меѓу можните повеќе национални субјективизации, десничарска и квази-традиционалистичка која ја фантазира нацијата на специфичен начин, конфронтирајќи ја агресивно со другите и конфронтирајќи ја навнатре во себе до степен на само-деструкција во-славење-и-глорификација во меѓувреме оневозможувајќи го сопствениот развој. За тоа станува збор, а паролите од навивањето на Комитите се симптом, ПР-врвчето на таа и таква национална субјективизација.

Таа субјективизација е трансферирана во симболното ниво и е дефинитивно фантазија низ која се обидува да се гледа и организира реалноста (а не обратното). Што значи ова? Тоа значи дека паролите на оваа идеологија не може да ги проверувате со и преку факти. Од тој аспект на проверка тие се сосема погрешни! На пример реализирање на паролата за „чиста Македонија“ би значело инстантно распуштање на спортскиот клуб „Вардар“ чии играчи се “нечисти“, имено од различни етноси во 99% (има само двајца Македонци).

Повикот за разбирање: „нека разберат клетите “Ш“, македонско име нема да загине“ е целосно упатен на погрешна адреса, бидејќи обезличување на името и обиди за искоренување па и етноцид, историски, можеби имало од бугарска страна (националниот идентитет како посебно македонски и јазикот), од српска страна обиди за целосно асимилирање или од грчка страна спорење на името на нацијата но(!) не и од албанска страна, каде што се лоцирани именуваните клети “Ш“!

Стиховите од делот од песната кој се користи има јасен контекст на фашистичките погроми врз населението, каде крикот да се разбере дека името нема да загине е јасно поврзан со опасноста, болката и можноста за физичко истребување или барем потиснување до етничка невидливост.

Од тој и таков аспект се’ е погрешно во паролите на десничарскиот националистички мит, но сепак тој функционира. Тоа е затоа што функционира во друг, симболен универзум – во универзумот на желбите и стравовите на нацијата кој оперативно се реализира низ темната страна (Хегеловото право на ноќта), обсцената страна на легалноста на државата која е возможна само за привилегираната група на делот од нацијата. Само извикувајќи ги овие пароли, припадниците на групата и оние кои стојат до нив и молчат го споделуваат чувството дека се дел од нацијата Македонци – вистински дел од неа.

Претпоставка на оваа десничарска фантазија е дека Македонецот е само Македонец ако се чувствува постојано загрозен и соодветно и постојано писка дека нема да загине поради тоа.

Протагонистите не разбираат дека за “нормален“ човек, страшно понижувачки е кога пискате и молите некој таму (независно што го нарекувате клет) да дознае, знае и увиди или созрца дека вие нема да загинете?! Човече, тоа е крај! Која комитска трагикомична патетика е тоа?! Идентитетот на Македонецот во организација на оваа десничарска фантазија се формира на вечно статична негативна основа – околу недостиг, празнина (lack), распарченост која оставила дупка во која вечно се вртиш, од која не можеш да излезеш, а да останеш Македонец.

Празнината е десубјективизираната нација која не може да се дораспадне во вечен негативен еквилибриум. Консквентно овој десничарски идентитетски парадокс завршува во крешендо: македонско непризнавање на Македонија! Македонија ја нема бидејќи само Македонија која е распарчена и Македонец кој е растргнат на три дела е вистински Македонец, него го бара и знае дека нема да го најде оваа меланхолична десничарска визија. Парадоксално, нивната Македонија може повеќе да ја има кога воопшто ја нема (како држава). Во меѓувреме постојано компулзивно писка – видете, дознајте, спознајте ние не сме загинати… Уште малку за оваа срамна патетика на десничарската идентитетска визија преку обраќањето и конституирање на себе преку Другиот, во овој случај Албанецот. За тоа ќе ни помогнат некои категории на Емануел Левинас и Жак Лакан.

За Левинас, конструкцијата на идентитетот (индивидуален и колективен) се одвива во негирање на хоророт на нарцистичката егзистенција, фрленоста на човеквото битие во нарцистичка мрежа на бивствување која очитува страв, хорор и паника на чувството на заглавеност во бивствувањето. Бескрајност на страдањето ориентирано кон смртта.

Дополнително, овој хорор е отежнат со соочувањето со т.н. барања на другиот, неговите желби кои се доживуваат како заканувачки и болни. Нема излез од оваа вклештена егзистенција низ полето на автономијата на индивидуализираниот, монадичен субјект, низ либералните категории кои создаваат фантазија на рационален, слободен поединец способен да одлучи и избере. Левинас нуди индивидуа (и заедница) чија слобода единствено има смисла соочена со лицето на другиот.

Слобода да се препознае одговорноста и обврските кон него. Другиот понира во мене низ крикот „не ме убивај“, а мојата слобода е можна и потврдена со барањата, вредноста и достоинството на другиот. Тој гест прави расцеп во хоророт на егзистенцијата. Другиот е мој спас од хоророт на егзистенцијата. Разумот за Левинас (когито-то, таа индивидуалистичка и просветителска, декартовска мантра) се формира и извира од односот лице-во-лице со другоста и другиот. Тоа е страната која ја заснова еманципаторската линија на солидарноста и идентитетот низ одговорноста за другиот, но Лакан придодава објаснување за насилството и омразата кои можат да се појават во дијалектиката на тој однос кон другиот. Според Лакан (а тоа Младен Долар брилијантно го објаснува во еден свој кус но илуминантен текст), тој однос кон засновање на идентитетот (за кој се согласува дека е вечно релациски и упатен кон другиот) се одвива покомплексно и од него насилството не е исклучено. Имено, односот кон другиот се одвива на ниво на желбите и признавањето и се одвива во паралелно три гестови: првиот е идентификација или барање на себе во другиот, вториот е дека ликот на другиот е вечно енигматичен, неспознатлив до крај и крие тајно и за нас недофатно уживање (кое е можно како кражба на нашето сопствено уживање) и конечно соочување со другиот нас самите не соочува со другоста во нас, со неспознатливиот дел на мене самиот (со странецот во нас). Тоа е интеркација, според Лакан, на две празнини, на две желби упатени една кон друга, на два порива за признавање упатени еден кон друг.

Овие желби сакаат пародоксални спротивставени нешта. Сакат признавање од другиот (да разбереле клетите “Ш“) на својата желба, но за таа да биде реализрана бара намалување или елиминирање на желбата на другиот (за разлика од Левинас кој одговара со одговорност на пронижување и прегратка, прифаќање). Значи имаме ситуација во која другиот мора да се потисне во своите желби, за да може нашата да се реализира низ признавање од него, но истовремено да не се уништи целосно позицијата на другиот па да не може признавањето нам да ни го даде.

Тоа е ситуација на неможност на целосна „победа на желбата“ и таа ситуација може да експлодира во насилство и омраза (потиснување на правата, желбите за и околу начинот на живот на Албанците, но нивно присуство тука за да разберат дека ние нема да загинеме, и во нивните очи, од нив да добиеме признавање). Овој дел од Лакановата анализа ми се чини дека е блиску до објаснување на насилството и омразата во оперирање на десните идентитетски митологии, во дијалектиката на формурање на колективните идентитети.

Љубомир Д. Фрчкоски

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Колумна

Ми се смачи веќе, кога ќе го читам името Никола Груевски со неговите статуси. Се до оној момент додека не го прифати таканаречениот "пржински договор" со кој доброволно се откажа од власта , ставав рака во оган за обој човек, бидејќи мислев дека е вистински патриот и заштитник на својот народ.

Груевски и Мијалков се виновниците поради кои денес лежат во затвор невини луѓе

Грешките кои ги направи Груевски кога не го притвори Зоран Заев и веднаш не го избрка...

Значи од 16 Министерства дури на 9 ( девет) се Албанци што произлегува дека од 25% ( доколку гласале сите гласачи ид 25% Албанци во Македонија) тие партипицираат дури со 60% или 220% повеќе од тоа што би било природно (25%) што е и договорено со таканаречениот Рамковен Договор.

Албанци декларирајте се како Македонци во Македонија

На фудбалските натпревари Македонија со Албанија да навивате за Македонија. Да ги...

Според последните статистики од 30 Април 2022 , Долгот на американската влада се зголеми за приближно 1,2 трилиони американски долари на годишно ниво на проценет вкупно околу 30,50 трилиони долари во 2021 година. За 2022 година, националниот долг на САД се предвидува да биде околу 31,83 трилиони американски долари.

Америка најзадолжената земја во светот, сеуште глуми супер нација со демократски вредности

Америка најзадолжената земја во светот сеуште глуми супер нација со демократски вредности. Американскиот...