Посебно ризично би било доколку на Македонија и се одбие или одложи отворањето на преговорите за членство

Објавил: admin@magazin | 26 април, 2019 15:45

Хан: Очекувам при крајот на мај ЕК да даде позитивна препорака за „Северна“ Македонија

Фото/Текст извор: ©магазин.мк

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за германската агенција ДПА предупреди дека одложувањето на отворањето пристапни преговори на ЕУ со земјите од Западен Балкан кои оствариле напредок во исполнување на поставените критериуми, како што е „Северна“ Македонија, може да го дестабилизира целиот тој регион.

Хан го даде интервјуто пред состанокот кој ќе се одржи в понеделник во Берлин во организација на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон со претставници на земјите од Западен Балкан.

– Одложувањето или непризнавањето на објективниот напредок на земјите кандидати би имало драматични последици за државите за кои станува збор и за целиот регион воопшто. Тоа речиси ќе предизвика негативен домино ефект, истакна Хан.

Тој очекува кон крајот на следниот месец Европската комисија да даде позитивна препорака за „Северна“ Македонија и Албанија за отворање преговори за членство врз основа на критериумите кои едногласно ги усвоиле земјите членки.

Станува збор за веродостојноста на ЕУ, земјите членки го поставија јуни како месец за одлука за отворање пристапни преговори со „Северна“ Македонија и Албанија и оти евентуално одложување или непризнавање на напредокот би имало погубни последици.

Посебно ризично би било доколку на Македонија и се одбие или одложи отворањето на преговорите за членство, нагласи Хан, додавајќи дека ако таа земја сега биде разочарана по триесет годишниот спор околу името и покрај спроведените реформи, тогаш постои опасност за внатрешна дестабилизација со соодветни последици за целиот регион.

Земјите членки на ЕУ ќе донесат одлука врз основа на сегашната политичка проценка, како што е решавањето на долгогодишниот спор околу името со Грција во случајот на Македонија, и напредокот во судските реформи во случајот на Албанија.

Еврокомесарот, меѓу другото, истакна и дека главна цел на состанокот во Берлин треба да биде изнаоѓање на решение за блокадата на дијалогот меѓу Србија и Косово. Тој ја поздрави иницијативата на Париз и Берлин и нивниот интерес за регионот, но предупреди дека решението за тоа прашање не може да биде наметнато однадвор.

Јасно е дека одржливо решение мора да дојде од двете земји за кои станува збор, кои на крајот мора да постигнам можен договор и да им го претстават на своите граѓани. Однадвор наметнато решение не може да дејствува, нагласи Хан во интервјуто за ДПА.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.

Останати вести од Вести