Дали е тоа бруталната провокација со отворањето на бугарски клуб во Охрид со името на цар Борис Трети

Објавил: Македонка Димкин | 7 октомври, 2022 16:26

ЦАР БОРИС И ЕУ

Фото/Текст извор: ©сакам да кажам

Има ли некого во власта што конечно ќе ѝ каже на Бугарија „Доста е!“. А богами и на Европската унија, која нецивилизираното негирање на правото на самоопределување, што ѝ го наметна како заедничка политика една од земјите-членки, се обидува да го цивилизира претставувајќи го како билатерален спор.

Бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков рече дека „ако името на клубот ‘Цар Борис Трети’ е проблем, тогаш гимназијата во Скопје што го носи името на Јосип Броз Тито е многу поголем проблем“.

Досадно е веќе да се објаснува: Тито бил антифашист, ја признал посебноста на македонскиот народ и македонскиот јазик и од тој антифашизам се родила државата Македонија, која во повоените години доживеала најголем и најбрз развој. Бугарскиот цар Борис Трети шурувал со Хитлер, Германците ѝ дале на царската војска да ја окупира Македонија, бугарската власт правела насилна бугаризација и одвела 7.144 македонски Евреи во нацистичките логори на смртта.

Искрено, веќе не знам што е поголема навреда.

Дали е тоа бруталната провокација со отворањето на бугарски клуб во Охрид со името на цар Борис Трети, соработник на Хитлер што ја придружил Бугарија на Тројниот фашистички пакт? И тоа во непосредна близина на куќата каде што судот на бугарскиот фашистички окупатор во 1941 осудил на смрт петмина македонски комунисти – антифашисти. Исто како што клубот „Иван Михајлов“ во Битола го отворија во старото еврејско маало.

За мене, поголема навреда е тоа што нашата власт се прави будала. Ај ДУИ, си брка работа, како да не е од тука. Ама, како ли мислат во СДСМ некој сериозно да ги сфати и да ги почитува ако продолжат со игнорирањето на провокациите од Бугарија и молчењето пред ЕУ? Учеле ли во школо кој бил царот Борис за време на окупацијата, или бегале од часови по историја? Па уште, МНР даде и соопштение да се однесуваме „мирно и достоинствено“.

Достоинствено да го изедначиме фашизмот со антифашизмот.

Или, пак, поголема навреда е дволичноста на ЕУ со онаа расштимана политика на 27 страни, преточена на терен преку изјавите на некои службеници дека „сега само уште Уставот да го смените“ и после сѐ ќе зависи од вас. Како бре, сѐ зависи од нас, кога една земја-членка на ЕУ не нѐ признава ни дека постоиме како Македонци што зборуваат македонски јазик, а вие тоа им го прифативте со писмен документ заверен во Брисел? Промената на Уставот е услов само за да ги почнеме преговорите. Но, не дадовте никаква гаранција дека Бугарија нема да го закочи нашиот прием во ЕУ повикувајќи се баш на таа изјава дека не постои македонски јазик. Па и овие провокации ги прават баш за да се искомплицира нашето влегување во ЕУ, промената на Уставот да биде уште потешка за проголтување. Еве до кај нѐ доведе тоа европско толерирање на бугарското негирање на македонскиот јазик и народ – таа земја сега на терен изедначува фашизам со антифашизам, а останатите 26 земји-членки си ги мијат рацете – не знаеме ние таа работа, решете си го билатералниот спор сами.

На крајот на краиштата, ирелевантно е дали некој Бугарин има нешто против Тито. Бугарија во Втората светска војна била на страната на фашистите, а Македонија била на антифашистичка страна. ЕУ сега нѐ тера тоа да го заборавиме, а за да влеземе во ЕУ треба уште и да им се поклониме на бугарските фашисти.  А нашата власт нѐ тера достоинствено да се подложиме на колективен самозаборав и операција на мозок. Инаку одма за антиевропејци ќе нѐ бележи.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.