Се бара правен лек за одржување на живот на СЈО

Објавил: Узунов Бобан | 5 февруари, 2019 15:55

Цаца-Николовска: СЈО е мртво

Фото/Текст извор: ©магазин

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, вели дека иако Врховниот суд донесе начелено правно мислење со кое се запираат истражните постапки на Специјалното јавно обвинителство, сепак осомничените нема да се спасат од кривична одговорност. Според неа правниот систем во Македонија треба да продолжи со истражните постапки на предметите кои СЈО не успеа да ги доврши.

-Факт е дека сите политички партии се согласија за формирањето на ова обвинителство. Тоа е голем и јак елемент за негово постоење. Со негово минизирање сега, јас се согласувам дека СЈО е мртво, сепак нема да може да се ослободат од кривична одговорност на овој начин. Сепак има правен систем и тој правен систем мора да најде начин предметите во кривичната област да се процесуираат и на овој или оној начин дојдат до крајно решение – изјави денеска поранешната судијка. 

Таа ја искритикува одуката на Врховниот суд велејќи дека тој нема надлежност да го толкува законот, туку таа надлежност ја има единствено Собранието. Во овој случај, додава, нема ниту разлика во судската пракса, иако Врховниот суд на тоа ја темели својата одлука. Ако имало проблем во толкување на Законот, тогаш за тоа требало да одлучува Собранието, или, пак, Уставнот суд, ако проблем била содржината на законот.

Единствен спас за СЈО се гледа во тоа судиите во Кривичен суд да побараат преку Јавниот обвинител Јовески автентично толкување на членот 22 од Законот за СЈО, бидејќи констатирале дека Собранието и никој друг, а најмалку Врховниот суд, ја има таа надлежност да толкува членови од закони.

-Очигледно дури сега одредени лица смогнале храброст и снага да го направат тоа. Но ако некој смета дека со ова начелно мислење одредени лица ќе бидат ослободени од кривична одговорност, тоа би било катастрофа во Македонија. Не навлегувам во содржината на правното мислење, ако воопшто тоа е содржина, бидејќи е само препишан текст од Законот за СЈО без да се елаборира – вели Николовска и додава дека во самиот текст на Законот никаде не стои дека е забрането покренување истрага по изминување на 18 месеци од преземање на материјалите.

Поранешната судијка Вера Коцо, пак, вели дека и покрај тоа што мислењето на Врховниот суд е правно неиздржано, сепак, посочува, ќе има влијание врз пониските судови.

-Врховниот суд не се залетува по прв пат со вакви правни мислење. И во изминатиот период знаеше да донесе некакви правни мислења и начални ставови, кои не соодветствуваат на правната состојба во нашето општество. Ова правно мислење е штуро и донесено во време кога судовите немале различни одлуки, па евентуално да сакаат да усогласат нешто – вели судијката Коцо.

Таа сепак додава дека мислењето е донесено од највисокиот суд во државата.

-И поради тоа ќе има влијание врз пониските судови. Иако има судии со интегритет, ниеден судија нема да се осмели да размислува поинаку од она што е кажано во тоа мислење. А самото мислење нема нешто специјално кажано. Останува работата на пониските судови да одлучат како ќе постапуваат – смета Коцо.

»Вестите на порталот MAGAZIN.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од порталот или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе следи фактурирање на име "плагијат" во вредност од 20.000 денари.